ChatGPT отсега и како мобилна апликација


Компанијата „Опен АИ“ лансираше апликација за ChatGPT, но само за уредите кои работат на оперативниот систем iOS, најавувајќи дека Андроид верзијата ќе пристигне наскоро.

Како што пренесува „Врџ“, апликацијата е бесплатна за симнување и користење и истата ја синхронизира историјата на разговор помеѓу повеќе уреди. Апликацијата нуди можност и за гласовно внесување, со поддршка на моделот за препознавање говор со отворен код „Whisper“ – исто така на „Опен АИ“.

Мобилната апликација ChatGPT пристигна ненајавено, но не изненадува со оглед на неверојатната популарност на четботот кој беше лансиран во ноември минатата година.

Досега корисниците од мобилните телефони до ChatGPT пристапуваа преку неговата веб-верзија или пак преку апликацијата на пребарувачот Бинг на „Мајкрософт“, каде е вметната верзијата GPT-4.

И апликацијата ги има истите проблеми како и веб-верзијата на ChatGPT, додава „Врџ“ – а тоа се тенденцијата на ботот да фабрикува информации и стравовите околу приватноста на корисниците.

„Опен АИ“ неодамна им овозможи на корисниците опција за приватни разговори, но почетниот екран на мобилната апликација ги предупредува корисниците да не споделуваат чувствителни информации.