Централите на јаглен ќе се затворат до 2028 година


Владата планира до 2028 година да бидат затворени јаглените централи и на фосилните горива. За да се надокнади кусокот на енергија во Македонија ќе се инвестира 2.200 мегавати од обновливи извори. Ова го објави премиерот Зоран Заев вечерва во интервју на Телма. Тоа треба да биде дел од македонскиот зелен договор и префрлање кон нови извори на енергија.

„Планот за затворање на јаглените и фосилните централи е димензиониран до 2028 година. Во зелениот план имаме околу 1.600 мегавати од фотоволтаици и околу 600 мегавати од ветерници. Зборуваме за 2.200 нови мегавати обновливи извори на енергија“, рече Заев.

Тој рече дека владата го намалила ДДВ на струјата, затоа што го либерализираше пазарот на електрична енергија и „сакаме да направиме меко спуштање, за цените да не влијаат драстично врз граѓаните. Сѐ уште е пандемија, мора да водиме грижа за народот. Можевме парите од ДДВ да ги искористиме за политички цели, но се откажавме од нив за да не порасне цената и да не биде удар за домаќинствата“, рече Заев.