Центарските улици ќе бидат новогодишно украсени


Фото: Б. Грданоски

Новогодишни елки, светлосни фигури, украсни лед светилки и други новогодишни украси ќе бидат поставени низ општина Центар, најави денеска градоначалникот Горан Герасимовски, на брифинг со новинарите.

Украсувањето ќе започне од улицата „Орце Николов“, а украсени ќе бидат и улиците „Боемска 1“ и „2“, каде на неколку локации ќе бидат поставени мрежи со светилки, светлосни фигури на бандери, ѕвездено небо и новогодишна елка. Герасимовски најави дека ќе биде накитен и плоштадот пред општината, како и плоштадот „Јадран“, каде ќе биде организиран новогодишен базар, кој ќе се одржува неколку дена пред новогодишната ноќ, со бројни настани и забави, како и лани. Во моментов се договараат македонски музичари кои ќе ги забавуваат граѓаните предновогодишно.

Герасимовски ја искористи приликата да апелира до жителите на Центар, особено до помладите, да не ја уништуваат урбаната опрема, а најави дека ќе се бараат поригорозни санкции, како за сторителите, така и за нивните родители.

– Жално е кога ќе видиме дека во нешто што сме вложиле труд и пари, а некој тоа го уништува. По демолирањето на игралиштата во текот на летото, побаравме поддршка од полицијата и малку се стави ред во општината. Сега, со најновиот случај кога беше украден багер и уништено приватно возило, исто така интерниравме, дадовме снимки на полицијата и чекаме да ги фатат сторителите. Ќе побараме да се променат санкциите, покрај малолетните сторители, да бидат санкционирани и родителите. Покрај паричните казни, предлагаме малолетниот сторител и неговите родители да вршат општокорисна работа како дел од санкциите – истакна Герасимовски.

Сепак, за вандализмот од летото, кога тој сподели видеа од малолетници кои уништуваа игралишта, вели дека нема разрешница. Верува дека малолетниците се знаат кои се, но дали се процесуирани понатаму, не знаеше.

Герасимовски, на денешниот брифинг со новинарите зборуваше и за актуелните и за идните проекти на Општината.

Тој нагласи дека буџетот што сега го има Општината, не се споредува со ниеден буџет од минатото, што се должи на доброто менаџирање.

– Нашата општина е поразлична од сите други затоа што го слушаме ставот и мислењето на сите советници, а потоа сите проекти во Советот ги гласаме едногласно. Имаме можност граѓаните да дадат свои предлози, идеи и сугестии за подобрување на функционирањето на општината, бидејќи подобрите услови за живот на граѓаните се наш приоритет – рече Герасимовски.

За изградбата на нова општинска зграда, рече дека ќе се одвива во фази, односно дека за првата фаза, подземен паркинг од „Орце Николов“ до „Илинденска“ пари ќе побара од Владата, во најавениот унгарски кредит, во март, па се надева дека до тогаш ќе ја има сета потребна документација и план. 

За наградените идеи за изгледот на општинската зграда вели дека можеби нема да биде изграден ни еден од нив, туку конечното решение можно е да биде комбинација од две идејни решенија. Не знаеше да каже ни колку би чинела изградбата на општинската зграда, затоа што за каква и да е финансиска проекција, прво е потребен план.