„Центарот за одбрана на угледот на граѓаните“, ВМРО-ДПМНЕ, бара извинување од СДСМ


Миле Лефков

Обвинувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кој рекол и дали рекол дека граѓаните се „будали“ покажа колку станува безидејна пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ која никако да престане да се однесува како опозиција и место да комуниција со информации со граѓаните, тоне во пи-ар стратегија против СДСМ, бомбардирајќи со смешни теми. Така, место да именува портпарол на Владата и да дава дневен отчет за тоа што го работат министерствата, ВМРО-ДПМНЕ уште е во политичка кампања. Денес СДСМ реагираше на нивните обвинувања кои трајат веќе три дена дека ги нарекле граѓаните „будали“ место да одговорат на критиките  зошто Албанија продолжи со преговори со ЕУ, а Македонија не:   

-ВМРО-ДПМНЕ не прави разлика помеѓу навредатa „будала“ и пораката „не ме прави будала“, која значи „затоа што сум доволно паметен да знам дека лажеш“. Се што кажа СДСМ е дека ВМРО-ДПМНЕ треба да престане народот да го прави или да го смета за будала бидејќи граѓаните се доволно паметни и ги препознаваат сите лаги кои ги пласира владејачката партија.

Раздвојувањето на Албанија од Македонија е само поради погрешните и штетни политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција и како власт.Граѓаните ова многу добро го знаат, порачаа од СДСМ.

Претходно Миле лефков од ВМРО-ДПМНЕ одржа и прес конференција за да бара извинување за наводната навреда од страна на СДСМ.

-Очигледна е нервозата во Социјалдемократскиот сојуз по објавените анкети дека се петпати послаби од ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не е и не може да биде оправдување за навредувањето на граѓаните со зборови како будали.СДС мора да сфати дека партиите постојат заради граѓаните, а не граѓаните заради партиите. Затоа кога народот казнува и кажува дека не му се допаѓа некоја политичка партија, истата не треба да го навредува, туку да се поправи.Најмалку што можат од СДС да направат е да смогнат сили и да се извинат.

Срамота е до кое дереџе ја донесе Филипче партијата која некогаш важеше за главен политички опонент на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е истата реторика на Стево Пендаровски кој го нарекуваше народот стока. Истиот заврши во политичка пензија.Топло им порачуваме на СДС за лошите резултати на анкетите, вината да си ја бараат во криминалните структури во партијата, а не кај народот.Ги повикуваме сите чинители во државата, граѓански организации и политички партии да го осудат односот на Социјалдемократскиот сојуз кон граѓаните, рече Миле Лефков, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.