Прием во Њујорк за 35-годишнината од независноста


Фото: Б. Грданоски

 

Во Њујорк вчера се одржа прием во чест на 35-годишнината од независноста на Македонија. На настанот присуствуваше и високата владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која учествува на Генералното собрание на Обединетите нации, дипломатски претставници, видни Македонци и претставници на други етнички заедници од дијаспората.

„Би сакал да се заблагодарам на сите што се оваа вечер овде со нас. Ви благодарам за сѐ што правите за Македонија. Минатото никогаш не треба да го заборавиме, секогаш треба да си спомнеме за него, да учиме поуки и да не ги повторуваме грешките од минатото. Македонија е вашата татковина. Вратата дома секогаш ви е отворена. Целта на оваа македонска влада е што повеќе македонски граѓани да се вратат во својата татковина, таму да инвестираат, таму да ја градат иднината на своите семејства“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот нагласи дека во фокусот на владата е високата стапка на раст на економијата.

„Во моментот можеби имаме најстабилна Влада во Европа, со отприлика двотретинско мнозинство во Парламентот. Таа стабилност гарантира реформи и испорака на економски резултати“, изјави премиерот Мицкоски, посочувајќи го растот на бруто домашниот производ од 4.3 проценти.