ИПА ќе „испари“, Македонија ќе добие помош од ЕУ само ако заслужи!
Со новиот буџет ЕУ радикално го менува начинот на кој ќе им дава помош на земјите кандидати - нема веќе да дава пари на тие што не ги заслужиле
Членови на Мешовитиот комитет ЕУ-Македонија од вчера се на состанок во Скопје и прават преглед на реформите. Она што можеше да се види во Собранието денес е како стојат сами во ходник, без домаќините, и половина час чекаат да им дадат кафе. На состаноците, пак, слушаа од преставниците на власта дека Македонија направила сѐ, а за возврат не добила ништо од ЕУ. Таквите сигнали, според она што можеше да се види, се прочитани во Брисел каде што толеранцијата на тие што седат на два и повеќе стола – станува сѐ потенка.
Сето тоа се случува во време кога земјите членки го договараат новиот буџет во кој, според сите оценки, се прави радикална промена во начинот како ќе се дава помош на земјите кандидати. Уште повеќе новата финансиска рамка ќе биде таква што со време може и да нема земји кандидати, а помошта ќе ја има, но без гаранција дека ќе дојде во Македонија.
Попрецизно кажано, од 2028 година па натаму ИПА помошта нема да постои, а место овој финансиски инструмент фокусиран само на земјите кандидати, тие ќе се најдат „на отворен пазар“, т.е. ќе можат да земаат пари од новиот Глобален фонд Европа (ГЕИ), во кој ќе бидат и Украина, Грузија, Молдавија, Велика Британија, Норвешка – или поточно сите земји некандидати во Европа со кои таа сака да гради стратешки интереси. Додека ние овде сѐ уште се расправаме дали ќе ни го земат идентитетот или не, преку новата финансиска рамка се кажува сѐ: Дека не само влезната, туку ЕУ ја отвора и излезната врата за членство!
Поконкретно, новиот Глобален фонд за Европа е правен според пристапот употребен за Реформската агенда од Планот за раст, со главна идеја – пари да земат само тие земји што ги оствариле реформите според строго определен список на законски измени што ги усогласиле со секоја влада. Тоа е фамозниот патоказ што го најави Марта Кос, а ќе ни го презентира Урсула Фон дер Лајен кога наскоро ќе дојде во државава, и кој сега ќе биде како „свето писмо“ за Македонија, во стилот – „сакаш или нејќеш“.
Само земјите што ќе ги остварат барањата на ЕУ ќе можат да конкурираат за парите кои се определени и изнесуваат 43 милијарди евра, што според некои пресметки е зголемување од 37 отсто во однос на претходниот пакет, а со оглед на очекуваната инфлација реално ќе биде зголемување од 12 отсто. (Од овие пари е исклучен фондот за реконструукција на Украина.)
Клучно притоа е дека овој пакет за помош не се фокусира само на агендата за проширување, т.е. на реформите, туку како појдовен критериум ги има геостратешките и економски интереси на ЕУ, односно упростено кажано е некој вид „трампизација“ на надворешната политика на Унијата. Па, меѓудругото, ако буџетот биде прифатен во предложената форма (треба да се усвои до декември) ќе содржи и одредба според која за парите што се даваат ќе можат да се ангажираат само компании од ЕУ. Вториот принцип буквално гласи дека владеењето на правото ќе биде „МОРА за да се добијат пари“, со што ЕУ сака да се заштити од антидемократските тенденции и уривањето на нејзините вредности.
Генерално, сепак, неколку новитети се предизвикувачки според аналитичарите во ЕУ. Најпрво, новиот фонд ги става земјите кандидати од посебна и издвоена во поширока група, отворајќи го според некои прашањето – дали воопшто може да преживеат фондовите за проширување во ваков контекст и дали, на крајот на краиштата, ќе преживее и категоријата земја кандидат за членство?
Со поврзувањето на финансискиот пакет за Западен Балкан со тој за надворешната политика на ЕУ – на купче – и со неговото условување со постигнатите резултати, ниту има гаранција за земјите дека ќе добијат помош, ниту има предвидливост на колку пари можаат да сметаат ако остварат реформи. Сега три од земјите (БиХ, Србија и Косово) искористија сосема малку пари од реформсаката агенда, а и тие што зедоа најмногу, како Македонија, значајно заостануваат во однос на тоа што беше планирано. Тоа значи дека ако некоја земја поради неостварување на реформите не добие воопшто помош од ЕУ, истовремено таа не ќе може ни да ги користи гаранциите за инфраструктурните проекти што се во многу поголем обем. Едноставно кажано, не само што ќе нема помош туку ќе нема ни гаранција да земеме заеми, што пак ќе ни покаже колку всушност зависиме од ЕУ фондовите, место да даваме арогантни изјави дека „не ЕУ ни дала ништо“.
Патем, според пресметка на преставник на делегацијата на ЕУ во Македонија, кога ќе се соберат разните извори на средства од ЕУ за Македонија- тоа се по околу 500.000 евра дневно до крајот на 2027 година!
Новиот пакет ГЕИ исто така не прави разлика меѓу членство и партнерство, а во една од споменатите ставки посветеноста кон ЕУ ќе ја мери и со политиката кон миграцијата, или како што стои „посветеноста на земјата да одговори на нелегалната миграција и да ги промовира споделените вредности и принципи во мултилатералните сојузи“.
И додека Македонија чека времето да проработи за неа, и ЕУ парите кои досега не беа подложни на вета од членките, сега ќе се даваат со контрола на Советот на ЕУ, при што така ќе се одлучува и за ревизија на целите и за редистрибуирање на парите. Тоа ќе го исполитизира уште повеќе проширувањето, но ЕУ сега тоа може да си го дозволи тоа, во ситуација кога има толку многу кандидати за членство и може да избира која земја може најмногу да придонесе за нејзините цели и интереси.
Главната порака од сето ова е дека ЕУ нема веќе да дава пари на тие што не ги заслужиле, дека нема ни да дава статуси што ние ќе ги сфатиме како автоматска гаранција за членство и само резултатите и интересите ќе решаваат кој ќе добие шанса за влегување, ниту едно евро нема да биде неусловено и ќе важи само едно партнерство – лојално.
Она што е страшно е оценката во Брисел дека Македонија го одбрала најлошиот можен момент да не прави ништо за евроинтеграцијата, иако имаше најреални шанси од сите кандидати да добие членство во пакет со Црна Гора. Место тоа, според оценката во Брисел, премиерот нападно се турка во скутот на Доналд Трамп и за возврат не добива ништо, освен конекторот кои им служи повеќе на интересите на САД отколку на нас. Од друга страна, губењето на парите од ЕУ на долг рок може да повлече и губење на статусот, а губењето на статусот може да доведе до губење на привилегиите што сега ги имаме, меѓу кои слободното влегување во ЕУ, барање помош при пожари, поплави, епидемии и слично, немање одбранбени фондови, цариски и други отстапки – бидејќи како и Трамп, и ЕУ ќе се води посилно од своите економски и стратешки интереси место да им дава пари на тие што со ништо не придонесуваат за нив.