Платформата со поддршка на Мециновиќ од Левица ќе се бори за промени во СДСМ
Во четвртокот имаа брифинг со новинарите, а денеска расправа на која зборуваа за ситуацијата во главната опозициска партија. Платформата 12,05 на денешната проширена расправа заклучи дека на лидерот на СДСМ ќе му достават План за консолидација и структурни промени „за доброто на партијата“.
Главното лице на оваа група, Игор Ивановски, е поранешен потпретседател на СДСМ, пратеник и долго време во врвот на партијата, особено кога со неа раководеше Бранко Црвенковски. Тој пред почетокот на денешната расправа за новинарите изјави:
„Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко. И ќе му биде уште потешко. Но не смее да му биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, барем на крајот со своите постапки да помогне оваа, во моментов, заробена партија, да се отвори и да му се врати на членството. Низ една нормална демократска постпка, процедури и членството на крај ќе одлучува. Но едно е јасно, во ваква состојба каква што е сега партијата не може да победи на избори“.
По малку неочекувано, на расправат се појави и пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, кој беше кандидат за градоначалник на Скопје. Тој рече дека ја прифатил поканата за да разговара за различни опозициски елемнти на општеството. Уште понеочекувано беше неговиот напад на СДСМ пред почетокот на дискусијата. Тој рече:
„СДСМ е едно колосално разочарување за македонските граѓани во изминативе 30 години“ бидејќи се претставувал како антипод на ВМРО-ДПМНЕ.
Во некоја рака тоа беше и прилично провокативно затоа што негови домаќини на панелот беа луѓе кои подолго време беа во врвот на СДСМ – Андреј Петров како генерален секртар и член на Извршниот одбор, Гордан Георгиев како потпретседател, поранешниот генерален секретар Никола Ќуркчиев, поранешниот портпарол Емилијан Станковиќ, а и Славјанка Петровска како актуелна пратеничка. Тој му забележа на СДСМ што не застанал отворено зад него на вториот круг од изборите за градоначалник на Скопје.
На панелот „Разговори за иднината“ имаше претставници и на други структури од општеството, како, на пример, адвокатот Звонко Давидовиќ, професорот Ненад Марковиќ.
Во соопштението што подоцна попладнево го испрати Платформата се наведува дека во дуискусијата, меѓу другото, се заклучило актурлната влада на ВМРО-ДПМНЕ е на врвот на ранг листата на неспособни влади, дека нивна прва задача е да го променат изборниот модел и тоа во прва фаза да се воведе една изборна единица, а во втора фаза отворени листи, како и воспоставување на правичен даночен систем.
Порано денеска СДСМ уште еднаш остри ги нападна членовите на Платформата, велејќи дека нивен покровител е Христијан Мицкоски.
„Затоа и министрите од ЗНАМ 1.0 јавно им даваат поддршка. ЗНАМ 1.0 со јавна поддршка за на ЗНАМ 2.0. Сите заедно против единствениот бастион на слободата – СДСМ. Сите заедно против Филипче, кој секој ден се бори против оваа банда, на терен, со граѓаните, со народот што едвај го врзува крајот со крајот“.