Центарот за македонски јазик во Лерин бара финансиска поддршка за две судења во Врховниот суд на Грција


Центарот за македонски јазик во Грција со седиште во Лерин

 

На 21 септември 2026 година, во Врховниот суд (Касацискиот суд на Грција) се разгледуваат две жалби од седум физички лица против распуштањето на здружението наречено „Центар за македонски јазик во Грција“ со седиште во Лерин/Флорина, Грција, кое има за цел законско зачувување и негување на македонскиот јазик како автохтон јазик во Грција, се наведува во соопштение до јавноста од Центарот.

И потоа се наведува генезата на случајот:

„Овие седум лица беа членови на управниот одбор на здружението, кое беше судски признато. По судското признавање на здружението, беа покренати две тужби против неговото признавање – првата од страна на јавниот обвинител на Лерин/Флорина и здружението ‘Панмекедонски сојуз на македонската борба на Грција – Австралија’, каде што се вмешаа и други лица (физички и правни): втората беше од страна на јавниот обвинител на Лерин/Флорина и здружението ‘Панхеленско здружение на потомци на македонските борци Павлос Мелас’.

Во тие судења беа донесени две подеднакво историски одлуки за фундаментални права со кои се даваше право на ‘Центарот за македонскиот јазик во Грција’ и врз основа на нив, Центарот продолжи да постои законски. Сепак, противниците на Центарот поднесоа две жалби против тие две историски одлуки, кои беа прифатени од Апелацискиот суд, кој ги усвои ставовите на противниците во врска со создавањето конфузија околу целите на здружението и заканата за јавниот ред во Грција, а со две одлуки, Апелацискиот суд нареди распуштање на здружението.

Двете судења против двете одлуки на Апелацискиот суд ќе се одржат на 21 септември 2026 година во Касацискиот суд на Грција. Во случај Касацискиот суд да донесе две негативни одлуки, слично како и Апелациониот суд, ‘Центарот за македонски јазик во Грција’ ќе поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде што досега здруженијата за правата на малцинствата во Грција секогаш добиваа правда. Сепак, неопходен услов за ЕСЧП е прво да се исцрпат нивоата на надлежност во Грција, односно двата судења да бидат решени во Касацискиот суд на Грција.

За трошоците на двете судења во Касацискиот суд на Грција (судски трошоци, даноци, адвокатски трошоци) мора да се соберат 10.000 евра до 15 септември 2026 година.

‘Центарот за македонски јазик во Грција’ апелира за финансиска поддршка со било кој паричен износ со цел да се покрие износот од 10.000 евра, до секое лице и колектив заинтересиран да ја поддржи клучната правна борба за фундаментални права во Грција“, вели Центарот во соопштението до јавноста.