Потрошувачката кошница се наполни со неуспех: Некои цени се зголемени за 20—25 проценти

Премиерот Мицкоски денеска им порача на трговците „да знаат дека вакви трикови нема да поминат никогаш повеќе“. Но вештачки зголемените цени не се намалуваат


Политиката сака да заработи поени, трговците пари, а граѓаните се жртви со потрошувачките кошници (Фото: Б. Грданоски)

 

Доживува ли неуспех владината намера граѓаните да добијат поевтини производи за новогодишните и божикните празници, откако во практика се потврди дека некои од трговците претходно ги зголемиле прозводите, па сега и со наводно намалената цена всушност се поскапи од претходно?

Ова на некој начин денеска го потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарски прашања во Општина Кисела Вода, рече дека некои производи поскапеле дури и 20-25 отсто. Тој најави дека ќе се преземат соодветни мерки, но не прецизира кои.

На манипулациите со новогодишната потрошувачка кошница со денови предупредуваат граѓаните посочувајќи конкретни примери, а дека работите не се како што се очекуваше се потврди и со ноемвриската инфлација, особено во делот на прехранбените производи, каде што трошоците за живот беа поголеми за 5,7 отсто во однос на истиот месец лани, како и синдикалната кошница која во декември изнесуваше 62.861 денар, зголемена за 840 денари во однос на ноември. Гласот го крена дури и Свештената бигорска Обител, која секоја година се обраќа до јавноста и повикува на солидарност, милостивост и автентично прославување на празниците и која денес порача дека намалувањето на цените во празничните денови да се прифати како општествена кауза.

Премиерот Мицкоски денеска им порача на трговците „да знаат дека вакви трикови нема да поминат никогаш повеќе“.

 

„Тоа што тие мислеа дека ќе нѐ надмудрат и си играат со трпението на граѓаните и на Владата не е добро и мислам дека треба да си го преиспитаат однесувањето затоа што ова не е коректно однесување, особено пред празници. На ваков начин не треба да се прават големи профити затоа што граѓаните очекуваат од нивна страна разбирање и во најмала мерка да биде така како што било“, рече Мицкоски од Кисела Вода каде што присуствуваше на започнување на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“.

Тој потврди дека цените на повеќе производи нереално биле зголемени.

„Цените на одредени продукти  се зголемени и 20-25 проценти. Тое е неетично однесување и би рекол нечовечно однесување“, рече премиерот.

Тој најави дека уште од денес ќе има реакција на институциите, како и дека ако вака продолжат „таа реакција ќе биде уште поробусна во периодот што следи“.

На прашањето дали ќе се замрзнат цените или пак ќе се ограничи маржата, Мицкоски кусо одговори дека има и други мерки, но не прецизираше кои, како и дека јавноста ќе биде запозната.

Во Владата по сѐ изгледа дека не се координирани во однос на можните мерки, бидејќи министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска изјави дека доколку трговците не ги намалат цените на основните производи, ќе се ограничат профитните маржи и цени.

„Доколку трговците нe покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во новогодишната кошничка ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на профитни маржи и цени“, рече Дурмиши.

Како што истакна на денешната прес-конференција, екипите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два до три дена ќе завршат анализите по што ќе се донесе одлука дали ќе се донесат поригорозни мерки. Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најпотребните производи во овој период на празници.

Најголемото разочарување доаѓа поради тоа што мерката новогодишна потрошувачка кошница е на предлог на стопанствениците, кои беа категорично против ограничување на маржите и на замрзнување на цените, како што беше практика порано.

Новогодишната кошница беше на предлог на стопанствениците (Фото: Б. Грданоски)

Но, очигледно дека играњето на картата на доверба, кај нас не дава резултати.

„Ние разговаравме со сите големи супермаркети, со сите сопственици кои беа на средба во владата, оставивме добра волја да не биде со пристап што ќе значи ограничување на цени, за кои тие велеа е непопуларна мерка. Еве сакавме да слушнеме од нив да донесеме заедничко решение кое што прифатено и тоа се случи. Тоа што некои од нив се служат со трикови е друга работа и затоа ќе има соодветни процедури. Анализата трае и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани“, рече Мицкоски.

Ова е втора реакција на Мицкоски, откако вчера тој исто така апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи и најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.

„На седница на Влада ќе побарам робусна, жестока акција од Пазарниот инспекторат затоа што добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Јас со трикови не функционирам и тие што мислат дека ќе функционираат со трикови, се лажат. Не може тоа што ним им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други призводи како маслото, лебот, јајца, брашно… Жестоко ќе се спротиставиме со оние што мислат дека нѐ надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, а видете како враќаат. Ова не е коректно и денеска од страна на министерот за економија и труд ќе побарам вонредна инспекција и ова девијатно однесување да престане“, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на спортска сала во населено место Црешово во општина Гази Баба.

Инаку, мерката новогодишна кошничка важи до 15 јануари и со неа се опфатени повеќе од илјада производи.

Оваа мерка беше донесена во соработка со трговските и производителите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните празници. Од владата очекуваа намалување на прехранбените производи за околу 10 проценти, но граѓаните укажуваат дека нема поголемо намалување на цените, дури и дека повеќе производи се поскапени.

Потрошувачката кошница доби и политичка димензија, откако СДСМ обвини дека „Мицкоски е виновен за измамата со кошничките“, како и дека „расте сиромаштијата додека трговците профитираат“. На ова се осврна вчеравечер и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на конференција на општинската организација во Битола.

„Го слушам Мицкоски денеска вели срамота било тоа што го правеле трговците. Не господине Мицкоски, срамота е што вие дозволивте тоа да го прават и што тајно со нив се договарате, а во јавноста глумите загрижен политичар. Касно е да ја префрлате вината за овој дебакл и грабеж на трговците, одговорноста е само ваша“, рече Филипче.

Премиерот Мицкоски ќе барал робусна акција од инспекторатот (Фото: Б. Грданоски)

Тој додаде дека по шест месеци Влада на ВМРО-ДПМНЕ се чуствува голема економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните. Сметките растат, цените растат, а Владата со измами се обидува да ги излаже луѓето дека со нешто им помага.

Инаку, според последните податоци за синдикалната кошница што ја објави пред два дена ССМ, минималната синдикална кошница за декември годинава изнесува 62.861 денари и е за 840 денари повисока отколку во ноември годинава кога беше 62.021 денар. Со изнајмен стан од 60  квадратни метри, пак, изнесува 78.236 денари.

Од ССМ укажаа дека загрижува тоа што трговците повторно го искористија периодот пред стапување на сила на последната акција и, како што се наведува, евидентно ги зголемија цените, а дополнително и вредноста на Синдикалната минимална кошница за храна и пијалоци за 63 основни производи кои се дел од истата за декември изнесува 23.075 денари е зголемен за дополнителни 397 денари, наместо да биде намален за најмалку 10 отсто.

„Сојузот на синдикатите на Македонија бара мерките да траат подолго, за Владата значително да придонесе за зачувување на животниот стандард на граѓаните, а следната мерка да биде без за истата да бидат информирани трговците и стопанствениците за да не направат повторно злоупотреби на грбот на граѓаните и работниците“, стои во соопштението од ССМ.

Мицкоски и Дурмиши со различни ставови за замрзнување на цените и на маржите