Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти минатата недела

На глобалните пазари, цените на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти минатата недела, што е нивно прво неделно зголемување од средината на април.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 4,3 проценти, на 63,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 4,7 проценти, на 61,02 долари.
На почетокот на минатата недела, цените на нафтата нагло паднаа бидејќи осум производители од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), предводени од Саудиска Арабија, се согласија да го зголемат производството во јуни за 411.000 барели дневно.
Но, до крајот на неделата, цените на нафтата ги надоместија тие загуби, бидејќи трговците се надеваа дека најголемите економии во светот ќе избегнат рецесија, бидејќи трговската војна, која ја започна американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на април со воведување на реципрочни тарифи, се намали.
Трговците беа охрабрени од трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија, прв таков договор откако Трамп воведе царини.
Најважното нешто во договорот е дека Велика Британија ќе ги намали царините за увоз на американски производи од просек од 5,1 на 1,8 проценти, додека царините за увоз на британски производи во САД ќе останат на 10 проценти.
Тоа ги зголеми надежите на трговците за ублажување на тензиите меѓу САД и Кина на разговорите за време на викендот во Швајцарија.
И Пекинг и Вашингтон сакаат да ги намалат тензиите, а тоа има позитивно влијание врз пазарите.