Цените на бензините и дизелот остануваат исти, поскапе мазутот
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука цените на бензините, дизелот и екстралесното масло да останат исти согласно одлуката од 4.8.2020 година, додека зголемување ќе има на малопродажнaта цена на Мазутот М-1 НС за 1,611 отсто.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), не се менуваат и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 60,00 денари за литар, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 62,00 денари за литар, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 52,50 денари за литар и малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 52,00 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,412 денари за килограм и од полноќ ќе изнесува 26,121 денари за килограм.
Во образложението на одлуката на Регулаторната комисија се вели дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на бензинот на светскиот пазар бележат зголемување за 2,262 отсто, на дизелот за 1,045 отсто и на екстра лесното масло за 1,048 отсто, додека кај мазутот има зголемување за 3,899оттсто. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 1,023 отсто.
Одд РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.8.2020 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.