Целата македонска политичка елита, плус Вучиќ, на Светосавската академија
Српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик. Вучиќ изјави дека Србите немаат никој поблизок од македонскиот народ и затоа ништо не бараат од него
Претседателот Стево Пендаровски, премиерот во оставка Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беа меѓу многуте гости на вечерашнава Светосавска академија во објектот на МНТ со каде се одбележуваше денот на српската заедница во Македонија – 27 јануари. На академијата се обратија и Пендаровски и Ковачевски и Вучиќ.
„Добрососедството, втемелено врз заемно почитување и соработка врз рамноправни основи, е единствената алтернатива на ретроградните процеси и на заострената реторика што, за жал, сѐ почесто се слуша во нашиот регион. Оваа традиционална Светосавска академија е уште една можност на симболичен начин да ги потврдиме нашите добри намери и да продолжиме да градиме мостови на соработка меѓу двете пријателски држави, менувајќи го вековниот имиџ на нашиот регион од проблематичен во просперитетен дел на обединета Европа“, рече во обраќањето Пендаровски.
„Како уставно призната и општествено ценета, српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик и активно придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка македонска татковина. Меѓу нас, вечерва, се дел од бројните истакнати припадници на српската заедница, кои го збогатуваат нашиот општествен, научен, културен, спортски и политички живот. Ви благодарам за вашиот ангажман и ве охрабрувам да продолжите да го давате најдоброто од себе за добробит на нашата заедничка држава“, рече Пендаровски.
Тој го одбележа и помирувањето на двете цркви што се случи пред две години. „Пред две години сведочевме на обновата на евхаристичкото единство меѓу Македонската православна црква ─ Охридска архиепископија и Српската православна црква. Иако, и Македонија и Србија се со устав дефинирани како секуларни држави, сепак, православните цркви низ целата наша историја, исто како и денес, се важни не само за духовниот идентитет на православните христијани, туку и за националниот и за културниот идентитет на македонскиот и на српскиот народ. Република Србија и Српската православна црква имаа конструктивен став кон ова за нас исклучително важно прашање, за што сум особено благодарен“, посочи Пендаровски.
Според него, овој историски настан не само што ги спушти тензиите во тој сегмент од нашите взаемни односи, туку ја отвори и можноста за прославување на најголемиот македонски празник, 2 Август – Илинден, на местото каде што е формирана современата македонска држава – во манастирот „Св. Прохор Пчински“.
„Взаемната поддршка не е само симболична, туку е и конкретна и таа доаѓа до израз и во моменти на елементарни непогоди, кризи и други сериозни предизвици, како што беше помошта на почетокот на процесот на вакцинацијата во екот на пандемијата. Ваквиот однос не треба да изненадува. Македонскиот и српскиот народ имаат децениска историја на соживот, вклучително и во поранешната заедничка држава. Од взаемното почитување се развија и лични пријателства и роднински врски кои траат со генерации. Во тој контекст, македонската заедница во соседна Република Србија и српската заедница кај нас се стабилен мост на пријателство меѓу двете држави“, истакна Пендаровски.
Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека Македонците им се најблизок народ на Србите.
„Ние немаме поблизок народ од македонскиот и тоа јасно го кажувам пред целата српска и македонска јавност. Ние ништо не бараме од вас и немаме никакви услови за било што. Ништо не очекуваме и единствено што би сакале е да имаме подобри и поблиски односи. Ние не ви бараме никакви промени на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Ние не ви бараме ништо и единствено од вас очекуваме и се надеваме да ја прифатите нашата братски пружена рака. Немаме ниту еден меѓусебен проблем“, рече Вучиќ.
Нагласи дека двете земји имаат поставено големи цели.
„И едните и другите се наоѓаме на европскиот пат, но и едни и други мораме да водиме сметка за себе на просторите на кои живееме“, рече тој и ги повика Македонците да учествуваат во големиот проект ЕКСПО 27 со своите компании и работници.
За Свети Сава или Растко Немањиќ наречен татко на црквата и на училиштата рече дека бил принц, монарх, архиепископ, учител, помирувач, творец и уште многу повеќе.
„Приказната за Свети Сава може да се сведе на еден збор – избор од првиот на Растко до последниот на Сава на државата и на црквата да им обезбеди вистински наследник и да се повлече. Кога ќе се види историјата може да се заклучи дека можеби ништо не се променило. И денеска нашиот пат зависи од изборот, од тоа дали како народ ќе ја избереме слободата или нечија власт над нас, независност или вазалство, суверенитет или полтронство. Токму затоа и нашата земја во овој момент не е во едноставна и лесна ситуација. Без разлика на се нашата Србија го избра патот на слободата, суверенитетот и независност“, рече Вучиќ.
Премиерот во оставка Димитар Ковачевски посочи дека денеска чествуваме еден од најсветлите личности во историјата на српскиот народ кој бил духовен и интелектуален творец на идејата за српската државотворност.
„Ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори. Одбележувањето на Свети Сава за нас и за нашата држава е порака за заедништво, почит и меѓусебна соработка, бидејќи мисијата на овој светител била да се има трпеливост, помирување помеѓу луѓето, ширење на љубов, меѓусебна почит темелена на вистина и верба“, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека секоја втора куќа во Куманово има некого кој е Србин по род и затоа, додаде, Куманово со својата разноликост претставува еден од најубавите градови во државата. Порача дека со Србија имаме цврсти и искрени пријателски односи и додаде дека во изминатите неколку години се обезбедени многу олеснувања за граѓаните од двете земји преку различни економски иницијативи во рами на Отворен Балкан.
Иван Стоилковиќ, претседателот на Организацискиот одбор за одбележување на националниот ден на Србите во Македонија посочи дека оваа Светосавска академија е најдобра од сите 14 претходни заради тоа што претседателот на Србија Александар Вучиќ е присутен на неа првпат, а по првпат е присутен и претседателот Стево Пендаровски.
Светосавска повелба доби македонскиот поет и писател, академик Влада Урошевиќ.