Царинската управа спречи обид за нелегално изнесување девизи и заплени 6.850 евра


Царинската управа спречи обид за нелегално изнесување девизи на граничен премин Табановце во износ од 6.850 евра, кои македонски државјанин не ги пријавил. Девизите се одземени, а против лицето е поднесена и пријава за девизен прекршок, информираат од Царинската управа.

Лицето, инаку сопатник во товарно моторно возило и возачот на камионот на прашање на царинските службеници дали имаат нешто за пријавување одговориле дека немаат ништо.

 

-Поради сомневање возилото е селектирано на контрола, при што во левиот преден џеб на сопатникот се пронајдени 8.850 евра за кои лицето не поседувал документ за потекло на парите. Согласно Законот за девизно работење на лицето му се вратени две илјади евра, а останатите се одземени, велат од Царинската управа.

Оттаму додаваат дека ова е втор случај во два дена на заплена на девизи и апелираат до граѓаните да ги пријавуваат девизите при влез и излез од државата.