Царината се пофали со рекордни приходи, Мицкоски предупреди дека ќе бидат казнети оние што ќе работат надвор од законот


Царинската управа е значаен сегмент и многу важен столб за стабилноста и борбата против криминалот, корупцијата и недозволената трговија. И затоа, ќе ја имаат мојата поддршка, но, очекувам исклучително сериозни резултати. Ако некој мисли дека ќе биде како досега, сериозно се лаже. Тоа треба сите да го знаат. И тоа важи за сите службеници на Царинската управа, било да се на граничните премини, мобилните тимови или во управната зграда, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Царинската управа.

– Ако мислат дека имаат право да работат надвор од законот, само затоа што се дел од овој систем, се лажат. Жестоко ќе бидат казнети. Ќе бидат фатени, изведени пред лицето на правдата и жестоко казнети. И тука нема ниту политичка, ниту етничка, ниту верска припадност. На сите треба да им биде јасно. Додека јас ја предводам владата, ова е принципот на работа. Тој ден кога јас нема да ја предводам владата, можат да работат како што мислат дека треба. Доколку на некој не му се допаѓа овој принцип, слободно може да си побара друга работа или да си бара друго чаре што би рекле наште поискусни, рече Мицкоски на прес-конференција со директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

Тој посочи дека законот мора да важи за секого.

– И повторувам, нема политичка, етничка или верска припадност. Законот мора да важи на целата територија за секој. Секој кој ќе биде фатен, без разлика дали е од Дебар или Делчево, Куманово или Гевгелија, јас лично ви гарантирам, дека ќе биде изведен пред лицето на правдата. Никој нема право да го краде народот, додаде премиерот.

Мицкоски кажа и дека очекува да се случува рекордна борба и безусловна борба со криминалот.

– Сакам да кажам дека преку таа борба и резултатите со таа борба, ние практично очекуваме поголеми приливи во самиот буџет. Преку тие приливи во буџетот, ќе можеме да одвоиме повеќе средства за капитални инвестиции и за сите реформи што ги планираме да ги работиме, додаде премиерот.

Николовски рече дека во Царинската управа затекнале состојба, што тој ја опиша како „крајно разочарувачка“.  Царинските службеници биле демотивирани и неефикасни, при што резултатите биле крајно поразителни.

– Слаба контрола, а откривачки функции сведени на минимум. За само еден месец, во јули наплативме рекордни близу 12 милијарди денари или 16,6 проценти повеќе од минатата година истиот период што претставува историска наплата на приходи во еден месец. Анализата покажа дека зголемената наплата се должи на поголема количина пријавен увоз на цигари или за 127 проценти повеќе од јули минатата година, рече тој меѓу другото.

Анализата за наплатата на приходите во јули, како што кажа, покажува дека зголемената наплата се должи на поголема количина пријавен увоз на цигари – или за 127 проценти повеќе од јули минатата година. Во количина, минатиот јули бил пријавен увоз на 96 тони цигари, а годинава во јули има пријавен увоз на цигари од 218 тони. Воедно во јули бил пријавен поголем увоз на возила, но исто така била увезена поголема количина текстилни производи од Турција со повисока цена, односно ако минатата година биле со цена од 555 денари од килограм во просек, сега биле пријавени со цена од 691 денари од килограм. 

Kумулативно, информира Николовски, од почеток на годинава до крај на јули има зголемена наплата на приходи за 7,8 проценти во однос на минатата година, или за 9 проценти зголемен пресметан приход. Фактите говорат дека најголемо учество во зголемената наплата на приходи во јули се од ДДВ и тоа 55,5 проценти, од акцизи 35,8 проценти и од царина 8,7 проценти. 

„Покрај овие фактори морам да напоменам и еден фактор кој никој не го забележува, а тоа е поголема ангажираност на царинските службеници во извршувањето на секојдневните обврски. Од првиот ден на моето доаѓање ветив менување на свеста на царинските службеници, при што јасно побарав повисоки резултати кои треба да бидат мерливи и видливи. Видливоста и мерливоста на резултатите ја имаме за само еден месец, зголемени приходи и подобрување на квалитетот на контролите и откривачките функции коишто резултираа со спречен меѓународен ланец на нелегална трговија со анаболични стероиди. Самото присуство на премиерот денеска кажува за неговата поддршка за целата Царинска управа и за сите царински службеници, но кажува и дека ќе се очекува многу од нас“, потенцира Николовски.