Бунтовниците во Судски совет немаа доволно гласови, за претседател ќе се гласа на 2 мај

Потпретседателот Селим Адеми и групата околу него немаше осум гласови за избор на нов претседател. Агонијата на Советот продолжува


 

Вчерашната режија не успеа денеска.

Групата во Судскиот совет околу потпретседателот Селим Адеми не успеа да собере осум гласови за да избере нов претседател на телото (иако вчера незаконски со само шест гласа ја разреши Весна Дамева) и ја одложи седницата за 2 мај. За одложувањето гласаа осуммина членови на Советот.

Денешната седница на Советот по вчерашните настани кои предизвикаа голем бура во јавноста доцнеше два часа за време на кои „бунтовниците“ ги убедуваа другите членови да се согласат да биде избран нов претседател. Очигледно тоа не им успеа. На денешната седница на Советот присуствуваа 12 члена.

Дека ништо не се научило во Советот од вчерашните скандалозни случувања покажува и фактот дека Весна Дамева не добила покана за седницата која ја закажа потпретседателот Адеми. Но таа се појави на состанокот и го обвини Адеми дека не ги заштитил судиите од притисоците и заканите кои го добивале.

„Очигледно два часа не беа доволни, но јас се надевам дека во следните два дена ќе има доволно време да се обезбеди потребно мнозинство. Нарушени се сите наши понатамошни постапувања на Судскиот совет. Очекував дека ќе имате мнозинство, но ќе оставиме да видиме дали вашето незаконско разрешување без постапка понатаму на некој начин ќе се легализира. Требаше да нѐ заштитите од сите можни влијанија, притисоци и закани. Не знам што може да се смени по два или три дена. Нека слушне јавноста зошто сум разрешена“, рече Дамева.

На тоа Адеми ѝ одговори на Дамева да си закажала прес-конференција и да каже дали тој ѝ вршел притисок по што ја стави на гласање одлуката за одложување на изборот за 2 мај.

„Не добив покана за присуство на седницата како член на Советот. Прочитав на сајтот дека закажал седница. Што да очекувам јас од седницата после циркусот што се случи со моето незаконско разрешување“, изјави Дамева за „А1он“ пред почетокот на седницата.

Нејзиното разрешување беше незаконско затоа што според член 36 од Законот за Судски совет и членот 8 од Деловникот, потребна е одлука со минимум 8 гласови, а Дамева беше разрешена со гласови на седум членови на Судскиот совет.

Се огласи и Министерството за правда наведувајќи дека со голема загриженост ги следи настаните во Судскиот совет.

„И покрај тоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, она што во моментов се случува во голема мера ќе влијае на натамошната доверба на граѓаните во судството. Заради добивање повеќе информации, Министерството за правда испрати барање до Судскиот совет да ги достави на увид Записникиот од 438-та седница како и усвоениот дневен ред“, велат од Министерството. 

И вчера и денес имаше огромни реакции кај стручната јавност, од невладините организации и од Антикорупциската комисија за вчерашната седница. Во сите нив едногласна е оценката дека настаните во Судскиот совет се огромен удар за судството.