„Букинг“ ќе отпушти 25 отсто од вработените
„Букинг холдингс“ (Booking Holdings) која стои зад водечкаата интернет туристичка агенција „Букинг.ком“ планира да отпушти 25 отсто од вкупната работна сила поради намалувањето на побарувачката за патувања, како резултат на пандемијата „Ковид-19“, пишува „Волстрит џорнал“.
Предложените отпуштања од околу 4.000 вработени во Booking.com ќе започнат во септември по консултација со „синдикатите, претставници на вработените и други релевантни организации“.
„Кризата со Ковид-19 ја уништи туристичката индустрија и ние сè уште го чувствуваме влијанието затоа што обемот на патувања продолжува значително да се намалува“, велат од „Букинг“.
Од таму додаваат дека иако направиле многу за да спасат што е можно повеќе работни места, сепак веруваат дека треба да ја реструктуираат организацијата.
Конгломератот поседува голем број веб-страници вклучувајќи Booking.com, Kayak, Priceline и OpenTable, кои се погодени од падот на патувањата.
Поради помалиот број на луѓе кои патуваат, „Букинг“ е уште една компанија што го намалува обемот на бизнисот. Airbnb и TripAdvisor го намалија персоналот за 25 проценти уште пролетта, а извршниот директор на Expedia, Питер Керн неодамна изјави дека „вториот квартал од 2020 година е веројатно најлошиот што го имала туристичката индустрија во модерната историја“.