Бујар Османи речиси ги собрал потписите
На шефот на дипломатија, Бујар Османи, кој е претседателски кандидат на ДУИ, му требаат уште 1.500 потписи од потребните 10.000 за да ја заврши процедурата да стане и официјално кандидат за претседател на државата. Другите кандидати се на поголема дистанца од него, но некои имаат добар скор.
Според ажурираните податоци на Државната изборна комисија заклучно со 25 февруари во 20 часот Османи собрал 8.560 потписи. Оваа голема бројка за само три дена треба да ја покаже силата на ДУИ во албанскиот блок во однос на нејзините ривали.
Кандидатот на здружената опозиција, Арбен Таравари, има многу поскромен биланс – 1.645 потписи. Тоа веројатно се должи на скромната партиска инфраструктура и недоволната анимација. Но веројатно дека и за Таравари нема да биде проблем да ги собере потписите до 8 март.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, покажува дека е во силен налет. Досега собрал 5.923 потписи, а професорката Билјана Ванковска, кандидатот на Левица, завидни 4.478.
И градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, има добар биланс – 3.091. Другите се далеку од овие бројки. Најдобра од нив е Мерсиха Смајловиќ со 523 потписи, а докторот Вело Марковски има 433. Потписите со собираат во подрачните единици на ДИК.

Двата најсилни кандидати, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, уште не почнале да собираат потписи, затоа што тие официјално не се претенденти. Нив допрва треба да ги официјализираат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие можат да бидат кандидати и со поддршка на 30 пратеници.