Бугарското вето никој не го разбира, вели претседателот на парламентот на Австрија

Волфганг Соботка вели дека австрискиот нон пејпер е добро прилагоден да ги спречи блокадите во проширувањето, како таа на Бугарија спрема Македонија


„Бугарското вето е неподносливо“, вели Волфганг Соботка

 

Вофганг Соботка, претседател на собранието на Австрија, промовирајќи го нон пејперот што Виена го испрати до ЕУ вели дека тој може да обезбеди некои земји кандидати да одат напред без да бидат блокирани од членки на Унијата. Соботка тоа го објасни со блокадата на Бугарија на преговарачката рамка за Македонија.

„Неподносливото вето на Бугарија“ за Северна Македонија, му штети на угледот на ЕУ во регионот, „затоа што никој не го разбира“. Нон-пејперот е „добро прилагоден“ за спречување на вакви блокади, рече Соботка во интервју за австриската агенција АПА.

Нон пејперот е напишан од министерот за надворешни работи Александар Шаленберг и министерката за ЕУ Каролине Едштадлер и со него Виена предлага приближување на Западен Балкан до Европската унија во некои специфични области, што критичарите го сметаат за поткопување на процесот на пристапување.

Соботка се обиде да ги смири стравувањата поврзани со нон пејперот. „Верувам дека земјите од Балканот можат многу добро да живеат со тоа“, рече тој. Полноправното членство во ЕУ во никој случај не би било надвор од масата како резултат на тој модел, напротив. „Процесот го управуваат земјите што сакаат да се приклучат. Ако ги исполнат сите овие услови, тогаш тие се внатре“, вели тој. Во исто време, тој го критикуваше сегашниот процес на пристапување со 35 поглавја, во кои се „преговара бескрајно без да им се покаже на луѓето каква било перспектива“.

Соботка подвлекува паралели и вели дека нон пејперот извлекува лекции од претходните рунди на проширување. Според него, Бугарија и Романија „се приклучија за многу кратко време“ и тие сакаа да ги решат прашањата како владеењето на правото „после фактот“. „Не сакате таква ситуација по втор пат“, нагласува тој.

И додава дека во Западен Балкан, на пример, Србија е „многу понапредна во однос на реалната економска интеграција со земјите-членки на ЕУ отколку, на пример, во прашањето за владеењето на правото“. Според австриската иницијатива, затоа треба да биде можно официјално и законски да се обезбеди „економска интеграција“ пред да се исполнат барањата на ЕУ, на пример за владеење на правото. Затоа, нон-пејперот е „повеќе охрабрување“ и за постојните земји-членки да не ги блокираат државите на нивниот пат кон ЕУ. „Потребен ни е среден чекор во Европа, потребна ни е можност и другите земји да одат заедно со нас“, рече тој, мислејќи на ќор-сокакот во пристапните преговори.