Бугарското МНР проверува дали од кај нив протекла дипломатската нота за „патувањето во Пампорово“


 

Бугарското Министерство за надворешни работи ги проверува сите факти околу документот, презентиран како дипломатска нота на амбасадата на Македонија во Бугарија, со која се бара обезбедување транспортен коридор до Пампорово за сопругата и синот на премиерот на  Македонија Христијан Мицкоски, и „доколку е можно, полициска придружба за целиот престој на гостите“.

Документот што се прошири на социјалните мрежи беше причина новото заострување на односите меѓу Скопје во ионака големата криза во односите меѓу двете земји.

Инцидентите што се случија во последно време во Македонија (од кои најголем е палањето на два автомобили на бугарската амбсада) биле дел од организирана кампања на Софија, рече Мицкоски во интервју на МТВ.

„Ниски страсти и организирана кампања во овој период е забележлива. Ние сме зафатени со реконструкцијата и го користат слободниот простор, еден, двајца политички ликови во државава да се обидат да промовираат нешто кое никој не може да го прифати. Ова е еден поширок обид за влијание тука“, рече премиерот.

Бугарското министерство за надворешни работи изјави дека придава големо значење на заштитата на дипломатската кореспонденција и ги осудува сите дејствија што ги кршат строго утврдените меѓународни правила и практики во оваа област. Оттаму наведоа дека нотата што се прошири во јавниот простор се однесува на настаните од 6 јануари оваа година. И дека околностите околу случајот сè уште се разјаснуваат. Организирана е проверка за да се утврдат сите факти поврзани со обработката на нотата во рамките на министерството за надворешни работи на Бугарија.

Дежурниот актер во заладувањето на односите меѓу Скопје и Софија, бугарската фондација „Македонија“ преку Фејсбук тврди дека дипломатската нота протекла од македонското министерство за надворешни работи. Презентирајќи ги факсимилите на документот се вели дека „Скопјe се обидува да создаде хибридна бура во чаша вода, бидејќи овие два документи беа испратени до голем број Бугари, за да ‘протечат’ на социјалните мрежи, а потоа Скопјe да ја обвини Р. Бугарија. Тоа е воздушеста игра која го покажува интелектуалното ниво на актерите во Скопско, а тоа ниво не е високо“. Според овие факсимили излегува дека во еден од трите автомобили на „делегацијата“ бил (или требало да биде) и постариот син на премиерот. А не само сопругата Рози и помалиот син.