Бугарско МНР за изјавите на Мицкоски: Обид да се заобиколат преземените обврски

„Уште еднаш потсетуваме дека европскиот консензус од јули 2022 година, одобрен од сите земји-членки на ЕУ и Скопје, останува валиден патоказ за напредокот на соседната земја во нејзиниот пристапен процес. Зачудувачки е што обврските преземени од Република Северна Македонија од страна на нејзиниот премиер се доживуваат како ‘мешање во нејзините внатрешни работи’“. Ова се наведува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Бугарија на, како што се посочува, „последователните јавни настапи на премиерот на Република Северна Македонија“.
„Ваквите изјави ги сметаме како уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или несакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија“, стои во реакцијата на бугарското МНР.
Премиерот Хрисијан Мицкоски денеска по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“, одговарајќи на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата и потсети дека високи претставници на ЕУ велеле оти промената на името на државата е последната работа што треба да се направи.
„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално, ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем“, изјави тој.