Бугарските медиуми за настанот во Благоевград: Клубот е приватна работа

Министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, од Благоевград командувал со полициското обезбедување на отворањето на македонскиот клуб


Полиција пред клубот „Никола Вапцаров“

 

Иако имаше многу новинари на денешното отворање на македонскиот клуб во Благоевград (и домашни и македонски), самиот настан доби релативно мало покривање на бугарските медиуми. Според она што го јавија медиумите, речиси еднодушен е заклучокот дека клубот „Никола Вапцаров“ е приватен и дека со него нема ништо ниту бугарската држава ниту општината. Медиумите известуваат за посетата на македонски граѓани и политичари (наводно биле стотина), за засиленото полициско обезбедување, за провокациите од бугарското ВМРО и Ангел Џамбаски, за средбата на Христијан Мицкоски и внукот на поетот кој го носи неговото име, Никола Вапцаров, за спречувањето на македонските граѓани да постават цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев.

„Медијапул“ пишува дека македонските претставници, меѓу кои и Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, се обиделе да постават цвеќе и венци пред споменикот на Гоце Делчев, но биле спречени од протестите на ВМРО-БНД, па тоа го направиле на 30 метри од него. И дека положиле цвеќе пред споменикот на револуционерот Димитар Благоев.

Медиумите наведуваат дека управителот на клубот, Атанас Мазнев, се пожали дека не можат да го одржат отварањето поради звучниците на ВМРО од кои се слеваат патриотски песни. Пред клубот ВМРО имаше наредено фотографии со историјата на Македонија и револуционерите кои се бореа за нејзината слобода. И дека поради тоа што оние што протестираа не можеле да бидат трганти од страна на полицијата, отворањето на клубот се случило внатре во просториите.

„Постоеше категорично потреба од драконски безбедносни мерки за да се докаже дека сме правна држава која е способна да одржува ред на својата територија, да организира цивилизиран тек на вакви настани, да не се дозволуваат ексцеси“, коментираше за БНТ министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој беше на лице место.

Никола Вапцаров, внукот на поетот

„Моравме да покажеме дека, за разлика од другите земји, во Бугарија не се толерираат прекршувања. Ќе ги примениме сите закони на бугарската држава. Нашата задача е исполнета. Од сега натаму ќе ги користиме сите можности на правото и политиката“, додаде тој.

Службениот премиер Галаб Донев изјави дека „овој клуб е организација која е противуставна и не е регистрирана според законите во Бугарија“.

БТВ јави дека во Благоевград бил и внукот од брат на Вапцаров, кој исто се вика Никола Вапцаров. И дека имал мал разговор со Мицкоски. Наводно, Никола Вапцаров му го рекол ова на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ:

„Сакам да ви подарам една книга за процесот против Никола Вапцаров. Во неа е дадено сѐ и сѐ е запишано. Особено на последната страница. Таму е запишано со ракописот на Вапцаров што е тој“, наведувајќи дека Никола Вапцаров се изјаснувал за Бугарин.

На ова Мицкоски му одгворил дека поетот не е Бугарин:

„Во македонската историја пишува дека е Македонец. Вие читајте ја и учете ја вашата историја, ние ќе ја читаме и учиме нашата историја. Бидејќи и јас ќе ви дадам копија и ракопис на Вапцаров“.

Претходно внукот за медиумите изјави дека нема ништо против името на неговиот чичко да се искористи за името на клубот, на да не биле искривувани фактите, зашто сите негови роднини, а и самиот тој се изјаснувале како Бугари.

Бугарското ВМРО постави слики на македонски револуционери на тротоарот

Внуката на Вапцаров, Маја Вапцарова (78) и сестра на Никола Борисов Вапцаров, во интервју за Dir.bg  изјави дека нејзиниот чичко бил Бугарин. „Мојата баба Елена не може да роди два народа – татко ми да биде Бугарин, а Никола Вапцаров да биде македонски поет. Ниту баба Ванѓа не можеше да го предвиди ова како знак“, вели Вапцарова, која е позната режисерка. Таа мисли дека тоа бил неприфатлив чин на кршење на културните и националните ставови на Бугарија. Според неа, Бугарија нема јасен став за македонското прашање.

„Секогаш сме се труделе да не ги дразниме Македонците. Јас не сум против постапките на Македонците да создадат држава или што и да е. Јас сум против сета оваа ароганција која ги нарушува националните ставови на бугарскиот народ“, рече таа.

Според неа, македонскиот јазик бил создаден во 1945 година од Венко Марковски, Тодор Павлов, Цола Драгојчева и Крум Ќулјавков. И тој бил создаден во затвор, во Софија. За тоа зборувал нејзиниот филм „Сонетен венец“.

Маја Вапцарова вели дека Жељу Желев направил грешка што прв ја призна Македонија како држава.

Таа е децидна дека Вапцаров е Бугарин. Македонија сè уште се создавала како земја на која ѝ требале вредности, јазик, „за некако да блесне пред светот“, но една земја не може да се меша во внатрешниот поредок и да се обиде да влијае на националните ставови на друга земја.

„Во Скопје има улица што го носи името на Никола Вапцаров која води до плоштадот. Како може? На неа се сликав. Во музејот е поставена восочната фигура на Вапцаров со ‘Работническо дело’. Има и музеј во Велес, каде што е закачен само портрет на баба ми Елена. Баба ми Елена Вапцарова беше навистина учителка, но на англиски и бугарски во Струмица. Импровизацијата на приказната во моментов ми изгледа како како светогрдие“, вели Вапцарова.

Според неа, Бугарија треба да развие позиција за нашите односи со Северна Македонија за Вапцаров, Гоце Делчев и сите други присвоени херои. (Н.В.)