Бугарскиот писател Алек Попов – добитник на наградата „Прозарт“
Бугарскиот писател Алек Попов е годинашен добитник на наградата за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот – „Прозарт“. Авторот на хит-романите „Мисија Лондон“, „Црната кутија“, „Сестри Палавееви“ ќе биде гостин на 7. Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“, а признанието ќе му биде врачено на 21 мај во Даут-пашиниот амам.
За македонската јавност Попов изјави дека фестивалот „Про-За Балкан“ веќе неколку години на едно место собира одбрано друштво на писатели и дека е задоволство да сретнете талентирани колеги по перо од различни краишта на Балканот.
-Со некои од нив се знаете, други првпат ги откривате. Секој е во нешто уникатен, но секој носи и честичка од карневалскиот балкански дух, кој ни помага да ги разбереме нештата кои другите потешко ги разбираат, а некои дури и не се обидуваат да ги разберат. Способноста да се смееш на своја сметка и да работиш со материјата на апсурдот, која провејува низ целото наше суштествување, вклучително и во историјата, е во сржта на елементите на тој дух. Исклучително сум среќен што постои таков форум, каде што Балканот не е само егзотичен гостин и каде што големиот разговор за уметноста поминува низ оригиналниот, жив и разнообразен свет на балканската проза. Знам дека тука ќе бидам разбран и ќе се чувствувам како да сум дома, изјави Попов.
Во образложението за наградата „Прозарт“ Одборот наведува дека годинава му ја доделува на еден од најисклучителните раскажувачи во современата литература на Балканот, со изразено чувство за хумор и иронија во која се преплетуваат префинетиот и народниот дух и извонредниот осет за фабула.
Алек Попов (Софија, 1966) е и одличен автор на куси раскажувачки форми. Неговите раскази од збирките „Мрсни сништа“ и „Ниво за напреднати“ се влезени во многу национални и меѓународни антологии на раскази. Попов е и драматург и есеист. На нашата публика ѝ е познат и како косценарист на популарната ТВ-серија „Преспав“.
Неговиот прв роман со огромен успех, комичната сатира „Мисија Лондон“, се базира на неговото искуство како аташе за култура на Бугарија во Лондон и е преведен на 16 јазици. Според таа негова книга, бугарскиот режисер Димитар Митовски сними филм во 2010 година кој стана најпопуларниот филм во поновата бугарска кинематографија.
Во 2012 година Алек Попов е избран за дописен член на Бугарската академија на науките во областа на уметноста.