Бугарскиот документ е серијал, не изненадување
СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Бугарските условувања нема никогаш да престанат, бидејќи им служат за внатрешно-политичка битка и одржување на сонот за некогашната моќ на нивната држава
Кавгата меѓу министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ја погоди бугарската цел – му даде живот на прашањето што Софија упорно сака да го престави за легитимно и да го стави на маса за преговарање во ЕУ. Она што изненадува е зошто Николоски ѝ помогна во тоа на Софија и од што воопшто се изненадува, кога ваквите условувања на Софија редовно се најавуваат и најдобра одбрана е да се игнорираат – лекција што ја научија одамна медиумите, но за жал не успева кај партиите.
Дека Софија приложи свои услови (формално „Изјава“) како посебен документ на заклучокот за започнување преговори со Македонија беше објавено уште во март, по состанокот на министрите на ЕУ кои решаваа за одлуката за преговори. Истите услови ги најави бугарскиот парламент кога цел ден расправаше само за една точка – каква да биде националната позиција на Бугарија за преговорите на ЕУ со Македонија лани во октомври. На неа ѝ претходеше издраматизирано предупредување од бугарскиот претседател дека Бугарија нема да дозволи преговори со Македонија без да исполни одредени услови.
Уште подалеку, за време на престојот во Скопје лани во август премиерот Бојко Борисов даде изјава за тоа како гледа Бугарија на сензитивните прашања околу историските личности и празниците, па и даде рок до кога да ги решиме! Рокот одамна помина.
Од тие случувања наваму Комисијата за историја на Македонија и Бугарија не се состанува, технички бидејќи беа закажани избори и таа со својата работа не требаше да влијае, а сега и заради пандемијата. Последен обид на Софија да нѐ изнервира на оваа тема беше прес-конференцијата на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во Скопје, на конференцијата околу Берлинскиот процес, кога одговарајќи на нарачани прашања од бугарски новинари ги изнесе практично политичките позиции содржани во овој документ. Запрашана дали, ако Македонија добие датум, бугарската влада ќе опстои на позицијата за македонскиот јазик и историјата, Захариева одговори позитивно.
„Рамковната позиција е одобрена во парламентот од сите политички партии, така што ќе се придржуваме стриктно до неа“, потврди Захариева. На тоа реагираше министерот Димитров кој порача дека е нелогично некој херој за Бугарија и за Македонија да имал право на самоопределување, а тој денес како Македонец, кој зборува македонски јазик да го нема тоа право. Димитров уште и забележа дека само со мудрост и пријателство може да биде завршен тој процес, а не со политичко подбуцнување. На истата прес-конференција Захариева, исто така, потврди дека во рамките на преговорите за новата методологија Софија бара принципот на добрососедски односи како услов да биде многу јасен, правдајќи се дека тоа не е забелешка само на Бугарија.
Каде бил тогаш Николоски, што го преспал ова обраќање на Захариева? И каде бил кога бугарскиот парламент во усвоената национална позиција за преговорите на ЕУ со Македонија јасно ги нацрта барањата? Тие се толку праисториски и толку се повторуваат, што нема потреба ни да се прочитаат.
Зошто, пак, ние самите да им даваме тежина на бугарските условувања е друго прашање, дотолку повеќе што двапати ја потпишавме Спогодбата за пријателство и добрососедство, се согласивме да стане меѓународен документ, неа ја поздрави цела Европа – и пак им е малку. Поинаку кажано, бугарските условувања нема никогаш да престанат, бидејќи им служат за внатрешно-политичка битка и одржување на сонот за некогашната моќ на нивната држава, која веќе 13 години е членка на ЕУ, а далеку е од тоа да стана европска и демократска. Затоа, место да им се помага на тие што нѐ условуваат со анахрони барања, подобро е да се види како оди процедурата за почнување преговори со Унијата и што сѐ може да влезе во преговарачката рамка.
Според она што се дознава од Брисел, очекувањата се преговарачката рамка за нашата држава да биде подготвена до јуни, а потоа да оди во Советот, каде што ќе се изјаснуваат земјите членки за неа. Тоа е генерална рамка за преговорите, бидејќи за секое преговарачко поглавје ќе се прави листа на бенчмаркси, т.е. барања за исполнување. Идејата на Софија е да ги протне нејзините барања во поглавјето „други“, како што тоа беше направено за Србија со Косово. Имено, на ваков начин нормализирањето на односите со Косово стана дел од условите што треба да ги исполни Србија за да стане членка на Унијата.
Во нашиот случај шансите да се случи тоа се мали, бидејќи Косово е прашање што ги засега сите земји членки на ЕУ, а барањето на Бугарија за користењето на нашиот јазик, освен што е билатерално, е и апсурдно, бидејќи ниту една друга земја членка на ЕУ нема да застане зад отворање на прашање што едвај се затвори по три децении преговори со посредство на ОН. Тоа, во основа, би значело сите земји членки на ЕУ да ја прифатат политиката на Бугарија кон нашиот јазик, кон нашето малцинство и кон нашето идентификување како народ, што во реалноста никој не го прави. Барањето никаде во ЕУ да не се споменува македонско малцинство е и смешно, бидејќи дали некој ќе се декларира како малцинство во Бугарија или не, воопшто не зависи од Македонија во краен случај.
Извори од Брисел велат дека за ваквите барања на Бугарија нема поддршка во ЕУ. Од таму посочуваат дека бугарскиот преставник во ЕУ и досега на секој состанок во Советот зборувал за нивниот проблем со македонскиот јазик, сакајќи да го повтори сценариото на Грција која, од заклучок до заклучок, успеја повеќе свои барања да ги направи услов за Македонија. Јасно е дека Софија ќе се обидува со сите сили да ја наметне својата политика кон Македонија, но таа ќе се соочи со политиката на другите 27 земји членки, кои нема да дозволат реприза на најсрамната епизода во историјата на Унијата – ирационалната блокада на Македонија. Најмногу што може да добие Бугаријата во оваа битка со Македонија е во рамките на тоа што го предвидува Договорот од Преспа, кој ја цементираше нашата „лична карта“ во ОН.
Место да се изненадуваат или шокираат од ваквите барања, нашите политичари сепак подобро е да се подготват, бидејќи вакви притисоци кои излегуваат од меѓународните правила ќе има уште многу од Софија додека траат преговорите со Унијата.