Бугарски стручњаци објаснуваат: Знакот е превисоко и погрешно поставен?
Според зборовите на бугарски стручњаци, еден од знаците на патот каде се случи автобуската несрежа во која загинаа 46 македонски државјани, е погрешно и превисоко поставен, па можеби и тоа е причина за несреќата.
Оваа автобуска несреќа е една од најтешките во Европа во последните десет години.
Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортна политика на Бугарија анализирала снимки од дрон на делницата на автопатот „Струма“, каде се случи големата несреќа.
Според неа, задолжително треба да се утврди состојбата на знаците и патоказите на таа делница, како и неколку километри наназад, за да се види дали возачот се збунил или го довеле до потешкотии во следењето на патот. Моќно е , вели таа, знакот за остров да изостанал или возачот да не го видел или заспал.

Од снимката од дрон, таа вели дека јасно се гледа дека возачот се обидел да го стабилизира автобусот по губењето на контролата, но дека потоа се забил во заштитната ограда.
„Тоа може да се случи. Но, не можам да кажам во кој момент точно се случило тоа“, вели Русинова.
Знакот не се гледа
Друга снимка покажува дека знак поставен на остров на патот. Според Русинова, тој знак не е правилно поставен и поставен е превисоко. Тој знак треба да биде пониско за добро да се гледа, објаснува Русинова.
Таа смета дека треба да се провери и рефлексијата на светлината.

Дошло до излевање на гориво
„Автобусот излетал и пукнала предната десна гума, па се влечел, имало излевање гориво и бидејќи работело парното на автобусот, оттаму дошла до несреќата од која настанал пожарот. Пожарот настанал од предниот дел на автобусот бидејќи задниот дел е речиси зачуван“, изјави за БНТ Васко Пиргов, експерт за мотори со внатрешно согорување, кој пристигна во првите минути по несреќата на автопатот Струма.
За 4 часа поминати 350 километри
Дополнителна причина би можела да биде неприлагодената брзина на автобусот.
„За околу 4 часа поминати се 350 километри од влезот во Бугарија. И ова сугерира дека брзината можеби била малку поголема, бидејќи имало и пауза од околу половина час на бензинска станица. А да се поминат 350 километри за три часа, при тоа знаејќи дека не може секаде да се вози со 100 километри на час… тоа значи дека, како што често се прави, таканаречените технички ограничувачи на брзината се отстранети за автобусот или камионот да може да развие брзина поголема од 90 или 100 километри на час. Треба да ни биде јасно дека ова не е магистрален пат. Ова е автопат каде што има ограничување на брзината од 120 километри на час“, вели за „Дојче веле“, Јонко Иванов, инженер и експерт за патна инфраструктура.