Бугарски „Фактор“: Министерката Сања Божиновска раководеше со компанија во Бугарија со милионски промет


 

Бугарски медиум „Фактор“ денеска во подолг текст се осврнува на изборот на Сања Божиновска за министерка за енергетика во новата македонска влада, предводена од, како што пишуваат „бугаромразецот Христијан Мицкоски“. Во текстот се наведува дека Божиновска била дел од огромната деловна структура поврзана со Србија, Москва и Кина, како и дека раководела со компанија во Бугарија со милионски промет.

Како што пишува „Фактор“, Божиновска, не само што поседувала бугарско државјанство, туку имала сериозен бизнис во Бугарија. Била и менаџер на моќна компанија.

„Од податоците со кои располагаме, јасно е дека Божиновска во Бугарија е поврзана со ‘Руднап груп Бугарија ЕООД’, регистрирана во Софија на адреса Обориште област. На истата адреса котираат уште 38 други компании“, се наведува во текстот.

Понатаму се посочува дека основната дејност на „Руднап груп Бугарија ЕООД“ е развој и реализација на проекти од областа на енергетиката, производството и трговијата со електрична енергија во Бугарија и во странство, вклучително и производство и трговија со енергетски производи (нафта, природен гас, јаглен), складирање и транспорт на енергетски производи и сл.
Во 2012 година компанијата остварила промет од 130.627.000 лева или околу 65 милиони евра.
Токму во овој период дошло до промена во раководството на компанијата, бидејќи на местото на Ана Живкова-Китина управител станала Сања Божиновска. Китина во Бугарија е поврзана со седум компании во својство на менаџер, главно од областа на консултантски услуги. Во 2014 година местото на Сања Божиновска го зазеде Сандра Берберовиќ, извршен директор на „Руднап груп“.

„’Руднап груп’ е холдинг компанија во сопственост на српскиот бизнисмен, Воин Лазаревиќ, кој главно се занимава со трговија со електрична енергија. Лазаревиќ важи за осмиот најбогат српски бизнисмен, кој во тоа време, според официјалната статистика на Централната банка на Русија, имал имот и пари во вредност од над 170 милиони евра.

Крајниот сопственик на ‘Руднап груп Бугарија ЕООД’ е ‘Алтариа рисрч лимитед’. Регистрирана е на Кипар, но е во сопственост на филијалите на ‘Руднап груп’ во Австрија, Унгарија, Србија, Македонија, Хрватска и Романија. И ‘Руднап груп’ и ‘Алтариа рисрч лимитед’ се поврзуваат со Воин Лазаревиќ“.

Во 2008 година, беше покрената истрага за перење пари за сомнителната продажба на „Краун аквизишн“ на, како што се вели, сомнителниот босански бизнисмен, Дамир Фазлиќ, на „Алтариа рисрч лимитед“.

Според „Фактор“, Сања Божиновска се поврзува и со „Руднап ДООЕЛ“ Скопје каде што беше управител. Оваа компанија повеќе не постои бидејќи на 06.12.2017 година била предмет на истрага на Финансиската полиција на Македонија. Сомнежите беа дека ја оштетила државната енергетска компанија МЕПСО со 700.000 евра.

Во текстот исто така се вели дека Сања Божиновска била дел и од менаџментот на „Руднап груп ЕОО Белград“, Србија, каде имало и две фирми во ликвидација – „Софтверски бизнис Бундлес солушн“ и „Интернационал трединг софтвер ЕОО“. Божиновска била дел и од Espada S.R.O во Чешка, каде сега извршен директор е Љубомир Цветанов Гудев.

Според наведеното во текстот, Воин Лазаревиќ и Вук Хамовиќ биле познати како едни од најголемите бизнисмени на Балканот кога станува збор за бизнисот со електрична енергија. Во 2000 година, двајцата се здружија во Тимот за финансирање енергија – ЕФТ, со кој почнаа да доминираат на енергетскиот пазар на Балканот.

Воин Лазаревиќ и Вук Хамовиќ

Таткото на Вук Хамовиќ е Радомир Раде Хамовиќ, генерал на ЈНА, за кој се верува дека бил вработен во југословенските тајни служби, чии врски се протегаат и постојат до денес во повеќе земји и региони, се додава во текстот. Во текстот, меѓу другото се вели дека Вук Хамовиќ остварил сериозна соработка со Кинезите, кои неодамна беа најавени како нови големи инвеститори во енергетскиот сектор во Северна Македонија.

Токму кинеската државна „China three Gorges South Asia investment LTD“ е сопственик на „Alcazar energy partners“ која покажа интерес за изградба на фарма на ветер во близина на Штип. Дали кинеските инвестиции се благодарение на врската Хамовиќ-Мицкоски и новата министерка за енергетика со бугарско потекло Сања Божиновска, останува да видиме, наведува „Фактор.бг“.