Бугарската влада вознемирена од најавата на Мицкоски за откажување од пругата кон Деве Баир
Неколку дена по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Mакедонија има намера да се откаже од изградбата на пругата кон Бугарија што е дел од Коридорот 8 и парите да се пренасочат кон линијата кон Грција, владата во Софија излезе со официјална реакција велејќи дека тие планови се „вознемирувачки“.
Наведувајќи заклучоци од Европската унија и декларација од Самитот на НАТО во Вашингтон, бугарската влада вели дека ваквите планови на македонскиот кабинет ја „ослабуваат колективната безбедност на Алијансата“
„Владата на Бугарија ги следи со растечко вознемирување изјавите на официјални претставници на Република Северна Македонија насочени кон кршење на меѓународните обврски во областа на инфраструктурното поврзување, вклучително и пренасочувањето на европските фондови за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 во друг транспортен проект.
Потсетуваме дека Република Северна Македонија во повеќе наврати ја презеде и потврди својата посветеност за инфраструктурно поврзување на двете земји, вклучително и Коридорот 8 – на пример во Договорот за добрососедство од 2017 година и неговите протоколи од 2019 и 2022 година, Меморандумот за разбирање меѓу Албанија, Бугарија и Северна Македонија од октомври 2021 година, заедничката декларација на Албанија, Бугарија, Италија и Северна Македонија од ноември 2023 година , декларациите од Самитот на НАТО од јули 2024 година итн.
Трансевропскиот Коридор 8 не само што ја поврзува Република Северна Македонија со Бугарија, туку има за цел да ја зголеми геостратешката автономија на ЕУ. Тој, исто така, станува клучна логистичка рута долж јужното крило на НАТО од Јадранот до Црното Море и е од големо значење во сегашниот геополитички момент. Неуспехот да се изградат основните компоненти на Коридорот 8 ја ослабуваат колективната безбедност на Алијансата“, вели бугарската влада во денешната реакција.
Таа наведува дека на крајот на 2023 година, делницата Крива Паланка – Деве Баир беше назначена од ЕУ како еден од шесте водечки проекти на стратегијата „Глобал портал“ и финансирана со над 500 милиони евра грантови и заеми. Ја повика македонската влада „одговорно и со добра волја да пристапи кон сите преземени обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на Трансевропскиот Коридор 8 на нејзина територија“.
Специјалниот пратеник на Германија, Мануел Сарацин, минатата недела за време на посетата на Софија изјави дека „транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратешко значење“.