Бугарската фондација ја откажа блокадата на граничните премини


Граничниот премин Станке Лисичково - Делчево

 

Шефицата на бугарската дипломатија, Велислава Петрова-Чамова, изјави дека најавениот проетст за блокада на трите гранични премини кон Македонија е „контрапродуктивен“, па организаторите брзо го откажаа.

Протестот требаше да биде в недела, да трае два часа на премините Деве Баир, Делчево и Ново Село.

Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“ ја објави веста за откажувањето и рече дека одлуката била донесена по разговори со претставници на Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарскиот амбасадор во Скопје, пренесе бугарската национална телевизија БНТ.

Стојанов ги повтори оценките на Петрова и рече дека процената на институциите била дека каква било блокада на границата во овој момент би била контрапродуктивна, би создала дополнителни тензии и би ангажирала значителни полициски и административни ресурси.

Од Фондацијата „Македонија“ посочуваат дека иако постои сериозен јавен интерес и акумулирана јавна тензија во бугарското општество, која Стојанов ја дефинира како „граѓанска енергија“ и „праведен гнев“, сепак, велат дека таа граѓанска енергија треба да се насочи кон продуктивни форми на дејствување.

По најавите за протести, со став се огласи и бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков. Тој изрази благодарност до сите граѓани и организации за поддршката во актуелните „тешки околности“ и го потврди правото на мирен протест, но упати барање да не се блокираат граничните пунктови.

„Интересот на нашата земја бара од нас да бидеме отворени за нашите југозападни соседи, да го стимулираме нивното запознавање со современата бугарска култура и да ги промовираме контактите меѓу долго одделените семејства. Ова е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата“, вели амбасадорот Радуков во објава на Фејсбук страницата на амбасадата.

Најавата за блокадата на граничните премини следеше по инцидентот во кој беа запалени два автомобили на бугарската амбасада во Скопје.