Бугарска „корона“


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Уште седум дена треба да издржат граѓаните во Македонија. В недела ќе се одржат изборите во Бугарија и ќе заврши политичката тортура, што е понапорна од короната и е невидена во денешно време во Европа од земја членка на Европската унија

 

За да ги спасат фотелјите, функционерите од бугарската владејачката партија ГЕРБ и другите во коалицијата си дозволија срамна предизборна кампања која ги спушти на дното односите со Македонија. Денес во бугарското МНР ќе биде повикан повторно нашиот вршител на должноста во амбасадата за да му се врачи уште еден протест, што веројатно последните денови до изборите ќе се случува на секои два часа. Угледот на ЕУ, благодарејќи на Бугарија, никогаш не бил понизок во Македонија, а никогаш не било погласно и прашањето – што бараме ние во ваква Унија во која дестабилизирањето на соседна земја кандидат за ЕУ се смета за прифатлива политика, па како што видовме во ЕП, и се гласа за неа.

Тоа што Екатерина Захариева можеби ќе си замине од министерската функција, а Красимир Каракачанов, нема да влезе во владата нема да го испере срамот од изјавите, навредите, омаловажувањата и забегувањата на официјална Софија, која треба да учи од нас како да води надворешна политика. Додека нѐ гушат со обвинувања дека сме биле како Северна Кореја, додека ги бараат Тито и Сталин тука во Македонија, додека врескаат буквално во Европскиот парламент дека Гоце Делчев бил Бугарин и ние им го „крадеме“ (иако таму никој не знае ни кој е освен соседите), додека нѐ малтретираат со историски предавања и нивните „латаси“ секоја вечер имаат емисии за злосторствата спрема Бугарите во нашата држава и како не можат бугарски државјани слободно да се декларираат во Македонија, иако ги има на пописите од 1945 година – ние овде правиме нова историја. Во неа за Бугарија, ако продолжи со ваквата политика, место ќе нема.

Без оглед кои беа мотивите и причините на српскиот лидер Александар Вучиќ со вакцинирањето на странците, вклучувајќи ги и Бугарите, тој на Софија ѝ одржа лекција од дипломатија. Иако постоеше можност наши граѓани со бугарски пасоши да се вакцинираат во Бугарија, сите завршија во Белград, бидејќи никој не им бара да кажуваат какви корени имаат и не бара да му служат на тесните бугарски интереси, правејќи ги изроди во сопствената држава. Во добрите намери на Софија веќе никој не верува во Македонија, па ни тие со бугарски корени, бидејќи и самите знаат колку пари се слеваат на сметките на тие што ќе се согласат да ја шират нивната пропаганда на наша територија. Сѐ додека во Софија веруваат дека со сталинистичките методи, за кои нас нѐ обвинуваат, ќе можат да ги придобијат граѓаните во нашата држава, само драматично се оддалечуваат од Македонија.

Последниот повод за протест, наводната забрана за внесување на илјада книги што веќе постојат тука и во време на интернет кога ништо не може да се сокрие и цензурира, е епилог на очигледна намерна провокација за да се искреира уште едно обвинување за „ужасниот“ севернокорејски карактер на Македонија, и тоа од држава која е една од ретките во светот која секогаш имала амбасада во Пјонгјанг. Дури и нашата влада, која се води од разумот и слоганот дека „попаметниот попушта“ мораше вчера да порача дека реакцијата на Бугарија  е непримерна и дека треба да повнимаваат на политичките манири кога се обраќаат на Македонија, бидејќи треба да има и утре.

А, секој трети ден Захариева е непријатно изненадена, изреволтирана, шокирана, вознемирена или лута – од нешто што прави Македонија. Додека ние главно се пресметуваме сами со себе и се справуваме со многуте болни од короната, од таа страна на границата стигаат само тривијалности. Последната е барањето врски меѓу нашата Влада и меѓународниот институт ИФИМЕС од Љубљана за ставовите изнесени во нивната анализа за односите меѓу Бугарија и Македонија. Дури и да го плаќа нашата Влада ИФИМЕС, дури и навистина бивши советници на премиерот Зоран Заев да имаат удел во написот, што мислат во Софија – дека можат да им забранат на другите да размислуваат, да им забранат да пишуваат, да им забранат да објавуваат, да ни забранат да кажеме што мислиме за теми што тие ги наметнаа кон Македонија? Тоа што ги контролираат медиумите во Бугарија, кои се на дното по слобода на информирање во Европската унија, под нивото на медиумите во Македонија и на светско дно, не значи дека можат истото тоа да го прават надвор од Бугарија, и покрај успехот да купат некои новинари и јавни личности во земјава, за што треба да се позанимаваат надлежните служби.

Софија треба да знае пред сѐ дека Македонија не создава проблеми со соседите туку ги решава. Не исправа историски неправди, туку прави историски договори по кои стана претпознатлива во регионот. Патем, Македонија го реши спорот со Грција кој траеше три децении, а ниту во еден момент Атина не дозволи толку да се влошат односите меѓу двете држави што луѓето од двете страни на границата ќе се мразат со децении. Македонија го изгласа Рамковниот договор со кој ги издигна на највисоко ниво правата на Албанците во државата, додека Бугарија сѐ уште во однос на малцинствата води политика од 19 век и постојано е осудувана во Стразбур. Македонија ќе имаше добри односи и со Бугарија да не е владејачката гарнитура во таа земја толку очајна дека ќе ја изгуби власта, што се коцка со интересите на сопствената држава. Не треба да сме многу експерти за да видиме дека целиот овој сталинизам, комунизам, Тито, македонизам, СССР и наводна Северна Кореја што ги наоѓаат во Македонија, заедно со продавањето филмови за руски шпиони што ги ловат само пред избори, е всушност наратив од внатрешната пресметка со најголемиот политички ривал, претседателот поддржан од социјалистите, Румен Радев, кој им покрена масовни протести во земјата. Сепак, да  ја обвиниш Македонија дека води проруска политика и дека треба да избира меѓу СССР или Европската унија, е премногу и за ваква аматерска надворешна политика насочена кон внатрешна цел. Затоа, крајно време е нашите преставници во Софија да не ѝ креваат веќе слушалка на Захариева, додека и таа не замине таму каде што се чувствува најдобро, во историјата.