Бугарска компанија ги снабдувала Русите со американски чипови за ракети
Руските проектили кои ја напаѓаат Украина може да содржат американски компјутерски чипови кои стигнуваат до Русија преку бугарска компанија. Ова го објави Ројтерс, според откритијата во сопствената истрага за патот на специјализираните компоненти за ракети од САД до Москва.
Во центарот на настаните е московскиот бизнисмен Илиас Сабиров, кој со години ја снабдува руската војска со компјутерски чипови со високи перформанси произведени во САД. Неговиот бизнис стана покомплициран во 2014 година, кога Русија го презеде полуостровот Крим. Во тоа време, САД вршеа притисок врз Русија со голем број нови санкции и извозни контроли. Тие строго ја ограничија продажбата на чипови, а Сабиров заработил значителни суми со доставувањето на овие специјални чипови на руската воена машина, при што санкциите не го спречиле да набави повеќе. Чиповите се специјално дизајнирани да издржат радијација и екстремни температури. Тоа се воени, критични компоненти на ракетните системи и воените шпионски сателити.
Во пролетта 2015 година, Сабиров добил пакет од над 100 чипови. Американските обвинители велат дека чиповите биле испорачани од американска компанија во Остин, Тексас. Оваа компанија е „Silicone Space Technology“ или скратено SST. Чиповите заштитени од радијација биле испратени во Русија преку бугарска компанија во обид да се заобиколи американското извозно ембарго, соопштија обвинителите.
Во 2015 година, Silicone Space Technology го смени своето име во Vorago Technologies откако нивната работа стана јавна.
По руската инвазија на Украина кон крајот на февруари, САД и повеќе од 30 други земји одговорија со уште една огромна листа санкции и ограничувања на извозот на владата на Путин. Приказната за тоа како чувствителните американски компјутерски чипови стигнуваат од Тексас до Русија служи како сигнал како може да се заобиколат и најстрогите контроли.
Против Сабиров и двајца бугарски бизнисмени, негови соучесници, се води кривична постапка, а на виделина излегуваат нови детали за начинот на кој е извршена измамата. Заедно со Сабиров, Бугарите Димитар и Милан Димитров се обвинети во 2020 година за нелегален извоз на чипови во Русија и за перење пари. Од 2014 до 2019 година со помош на тројцата лица се вршел нелегален извоз. Внимателната истрага откри синџир на добавувачи, фиктивни компании и лажни наводи во формуларите за извоз во кои се наведува дека предметите биле наменети само за цивилна, а не за воена употреба. Покрај електрониката, сепак, Русите добиле од САД и прецизни инструменти за воени цели. Производителот е казнет со речиси половина милион долари.
Портпаролката на американското Министерство за одбрана Сју Гоф вели дека чиповите отпорни на радијација играат значајна улога во воените комуникации, разузнавањето и надзорот. Таа рече:
„Стекнувањето технологија заштитена од радијација од страна на агресивни држави со нуклеарно оружје, како што е Русија, може да ги поттикне на дестабилизацијата на меѓународната безбедност. Затоа заштитата на овие чипови е од клучно значење. Русија постојано ги зголемува своите напори да добијат чипови за ракетна и вселенска технологија.
Досега, Кремљ не одговори на прашањето за американските обвинувања дека користи измамнички шеми за да ги заобиколи западните санкции и извозните ограничувања.
Сабиров негира вмешаност во шемата, како и врски со Бугарија за извоз на чипови. И Милан Димитров ги негираше обвинувањата, а неговиот татко Димитар не беше достапен за коментар. (БГНЕС)