Бугарите се тешат со Хрватите, подготвувале 14 услови за Србија во ЕУ


 

Бугарскиот портал БГНЕС објави документ во кој се содржани предлози на Хрватската академија на науки и уметности за Србија, Црна Гора и БиХ, барајќи од тамошната влада да ги постави како официјални услови во преговорите за членство. Според текстот, имало обиди да се создаде чувство на вина кај Бугарија што ја блокира Македонија во ЕУ, па со овие барања на хрватската академија се претствуваат како нешто нормално (за Балканот) барањата кон нашата држава. 

„Во документот насловен Придонес кон заштитата на хрватските национални интереси во преговорите на Хрватска со Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија за нивното пристапување во ЕУ, Хрватската академија на науките и уметностите ја повикува хрватската влада да наметне услови за три земји кандидати во ЕУ, при што заштитата на правата на Хрватите кои живеат таму е најважна. Се предлага  блокирање на Србија доколку официјален Белград не исполни 14 услови. На прво место, се бара откажување од големосрпската пропаганда, прекин на непријателството кон Хрватска,прекин на прогонот на хрватските граѓани како и откажување од ‘митот за концентрациониот логор Јасеновац’ за време на Втората светска војна“, пишува БГНЕС. 

Документот беше објавен на 20 мај и испратен до хрватската влада, а според него, испаѓа дека и Хрватска сака ново толкување на историјата во периодот кога со неа владееше фашистички режим. Овие 14 услови Српската академија на науките и уметностите (САНУ) ги оцени како прилично провокативни и навредливи.

„ХАЗУ инсистира Србија да се откаже од „големосрпската пропаганда“, што подразбира „откажување од митот Јасеновац“ и елиминација на критичкиот однос кон личноста и делото на кардиналот Алојзи Степинац. Другите услови вклучуваат признавање на Србија дека извршила акт на агресија против Хрватска за време на војните во 1990-тите во поранешна Југославија, што вклучува компензација за материјална штета и формално извинување од Белград. За Српската православна црква (СПЦ) во Хрватска се бара да добие статус на „државна црква“ и нејзиниот статус да се изедначи со степенот на заштита на верските права на хрватското малцинство во Србија. Другите услови вклучуваат враќање на имотот на сите протерани за време на војната, меѓусебно признавање на правата на српското и хрватското малцинство, признавање на хрватскиот јазик како малцински јазик на „сите нивоа“ во Србија и признавање на „хрватскиот етнички интегритет на малцинството Буневци“, пишува БГНЕС.

Одговарајќи на барањата на Хрватската академија на науките и уметностите, извршниот комитет на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) на 26 мај рече дека „членовите на САНУ се изненадени од примитивниот тон на Хрватската академија на науките и уметностите и нејзината омраза, изразена кон Црна Гора и Србија“.

„Не се сомневаме дека меѓународната заедница ќе се спротивстави на овие услови, вклучително и поради почит кон сите жртви во логорот на смртта Јасеновац, така што нема да одговориме на обвинувањата на оние кои бесрамно го користат терминот ‘мит за Јасеновац’. Но, добро е и корисно да се знае што мислат тие“, се заклучува во соопштението на САНУ.

Испаѓа дека  бугарското вето навистина ја отвори Пандорината кутија на национализмот на Балканот бидејќи ако може Софија да ја малтретира Македонија, зошто да не можат и другите да се обидат да наметнат ултиматуми и да си ја ретушираат историјата.