Бугарија веќе го доби првиот авион „Ф-16“. За 16 ловци плати 2,5 милијарди евра
Нова фаза во воената соработка меѓу Бугарија и САД
Бугарија во петокот официјално го доби својот прв борбен авион „Ф-16 Блок 70“ и со тоа процесот на замена на старите советски „МиГ-29“ влегува во активна фаза.
Сепак, предизвиците со кои се соочува бугарската воена авијација сè уште се големи, од кои најсериозниот е обезбедувањето средства и персонал за ефикасно користење на новите летала.
Министерот за одбрана Атанас Запријанов ја посети производствената линија во Гринвил, Јужна Каролина, каде што „Локхид Мартин“ го подготвува авионот, а подоцна и официјално ќе го прифати првиот авион според договорот меѓу Бугарија и САД.
Запријанов истакна дека „усвојувањето на вооружување на новиот авион е сериозна промена во борбените способности на воздухопловните сили, бидејќи ‘Ф-16 Блок 70’ е најдобриот повеќенаменски ловец од четвртата генерација“.
„Ф-16 Блок 70“е меѓу најнапредните борбени авиони во светот, опремен со иновативен радар со активна фазна низа, надграден компјутер за планирање на мисијата, напредни пилотски дисплеи и систем за избегнување судир на земја. Со овие подобрувања, тој обезбедува брзина, агилност и заштита што му е потребна на авион со повеќе намени за потребите на модерната воздушна борба.
Бугарија купила вкупно 16 ловци „Ф-16 Блок 70“ за 2,5 милијарди евра.
Се очекува првите два авиони – Д-модел со едно седиште и Ц-модел со две седишта – да бидат на бугарска територија во април.
До крајот на 2025 година Бугарија треба да ги добие сите осум авиони (шест едноседи и два со две седишта) според првиот договор и да има доволно обучени пилоти и механичари за да ги користат.
Меѓутоа, Бугарија се уште не е подготвена да ја модернизира воздухопловната база „Граф Игнатиево“, која треба да ги добие ново купените борбени авиони.