Бугарија на тест: Ќе ја екстрадира ли Михаилова ако судот утврди одговорност за сообраќајката?


Ива Михаилова, која е обвинета за сообраќајна несреќа со еден загинат и тројца повредени, може да не биде екстрадирана од Бугарија во Македонија поради нејзиното бугарско државјанство. Иако по неа е распишана меѓународна потерница и ѝ е определен 30-дневен притвор, тоа не значи дека бугарските власти се должни автоматски да ја уапсат и да ја предадат на македонските институции.

Ова го објаснува бугарскиот адвокат Божидар Терзиски, кој во анализа објавена на социјалните мрежи ги разгледува правните можности за нејзино приведување и екстрадиција. Михаилова има две државјанства – македонско и бугарско. Токму бугарското државјанство, според адвокатот, може да биде главната пречка за нејзиното враќање во Македонија.

Терзиски посочува дека Уставот на Бугарија предвидува заштита на бугарските државјани од екстрадиција во друга земја, освен во случаи дозволени со меѓународен договор. Дополнително, Бугарија има дадено декларација кон Европската конвенција за екстрадиција, според која не ги екстрадира своите државјани.

Тоа значи дека, доколку Македонија официјално побара Михаилова да биде предадена, бугарските институции ќе треба да утврдат дали постои правна основа за таква постапка. Самото постоење меѓународна потерница не е доволно за автоматска екстрадиција.

Бугарскиот адвокат објаснува дека Македонија не може да го користи ниту механизмот на Европската потерница, бидејќи не е членка на Европската Унија. Тој механизам се применува меѓу земјите членки на Унијата, додека за Македонија важат други правила за меѓународна правна соработка. Но, постои важна разлика меѓу апсење и екстрадиција. Иако Бугарија може да одбие да ја предаде Михаилова, тоа не значи дека таа не може да биде приведена на бугарска територија.

Според Терзиски, бугарските власти можат да определат привремено задржување доколку се исполнети законските услови, дури и пред да пристигне официјално барање за екстрадиција. Сепак, за секоја таква мерка одлучуваат надлежните бугарски институции, а не македонскиот суд.

Адвокатот нагласува и дека црвената потерница на Интерпол не претставува меѓународна судска наредба која секоја држава мора задолжително да ја изврши. Таа служи за меѓународно лоцирање и барање привремено апсење на лице, но понатамошното постапување зависи од законите на државата во која лицето се наоѓа.

Во својата анализа Терзиски се осврнува и на начинот на кој Михаилова ја напуштила Македонија. Таа и нејзиниот адвокат тврдат дека границата ја поминале преку официјален граничен премин, користејќи лични карти. Меѓутоа, македонското МВР соопшти дека во системот нема регистриран нејзин излез од државата, а според податоците добиени од бугарската гранична полиција, нема евидентиран ниту легален влез во Бугарија. Михаилова уште од октомври 2025 година имала судска забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска за јавување во полиција. Истовремено, ѝ биле одземени и македонскиот и бугарскиот пасош. Терзиски нагласува дека поседувањето две државјанства и две лични карти не значи дека обвинетото лице може да ги игнорира судските забрани.

Бугарскиот адвокат се осврнува и на нејзините тврдења дека заминала во Бугарија поради здравствени проблеми и потреба од лекување. Тој посочува дека секое лице има право на медицинска помош, но тоа право само по себе не ја запира кривичната постапка и не ги укинува судските мерки.Михаилова е обвинета за сообраќајна несреќа од 7 октомври 2025 година, на експресниот пат Кочани – Три Чешми, во која загина Бесим Дурмиши, а тројца други лица беа повредени. Обвинителството ја товари за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Таа се смета за невина сè додека евентуалната вина не биде утврдена со правосилна пресуда.

Со нејзиното заминување во Бугарија, пред македонските институции се отвора дополнително прашање – како ќе се обезбеди присуството на обвинетата за продолжување на судската постапка, доколку бугарските власти одбијат да ја екстрадираат? Во јавноста се отвори и друго прашање: дали само тие што имаат едно (македонско) државјанство ќе одговараат пред правдата, а сите други ќе бидат заштитени со двојните државјанства?   

Според анализата на Терзиски, бугарското државјанство може значително да го отежне нејзиното предавање, но конечниот исход ќе зависи од евентуалното официјално барање на Македонија, применливите меѓународни договори и одлуките на бугарските институции.Со други зборови, Македонија може да бара Михаилова да биде приведена и предадена, но дали Бугарија ќе го дозволи тоа е посебно правно прашање. Меѓународната потерница не е гаранција дека обвинетата ќе биде вратена пред судот во Кочани.

Тоа не е причина сепак некои политичари во Бугарија да си прават рејтинг од нејзиното бегање од земјава. 

„Северна Македонија издаде меѓународна потерница по Ива Михајлова, со цел таа да биде вратена во земјата, уапсена и задржана во притвор најмалку 30 дена. Навистина е смешно и патетично токму оние луѓе што не ги почитуваат договорите – кои ги занемаруваат договорите потпишани со Бугарија, го игнорираат Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, го отфрлаат „францускиот предлог“ на ЕУ и ги кршат своите обврски кон самата ЕУ – да зборуваат за меѓународното право“, пишува на социјалните мрежи лидерот на бугарската партија „Има таков народ“, Слави Трифонов.

„Искрено, ми се гади од овие патетични и искомплексирани поединци кои ја крадат бугарската историја и целото свое бедно чувство за сопствена вредност го градат врз омразата кон нас. За првпат, ќе си дозволам да им кажам нешто на Македонците – кои, всушност, се Северномакедонци:‘Знам дека моите зборови допираат до вашите уши и очи и знам дека ќе го слушнете и видите она што го напишав. Ние сме Бугари! Имаме историја долга над 1.300 години! Отсекогаш сме се нарекувале Бугарија! И сите нации знаат дека сме Бугари, го знаат името на нашата земја и ја знаат нашата историја, бидејќи сме една од најстарите држави во светот!

И без оглед колку тоа не ви се допаѓа, што и да зборувате, што и да измислувате, колку и да сеете омраза и непријателство, и како и да се нарекувате себеси – вие сте Бугари. Отсекогаш сте биле и секогаш ќе бидете. А, особено вие во Северна Македонија – вие што го слушате или читате ова во моментов – порано или подоцна, ќе попуштите и ќе бидете асимилирани. И да ви кажам нешто како Бугар. Ние, Бугарите, не предаваме! Без оглед колку ја критикувам државата во моментов, не верувам дека постои и еден владин функционер способен да ја предаде Ива Михајлова! Зашто, драги Северни Македонци, ние, Бугарите, пред сè сме Бугари, а сè друго е на второ место.

Затоа, ставете си го ова во глава: Ива Михајлова ќе остане во Бугарија и ќе се лекува во болницата „Пирогов“.

А вие… можете само да читате за тоа како Ива Михајлова закрепнува и живее слободно во својата татковина!’“, додава тој.