Барбов возврати: Јас само лекувам пациенти, не сум пуштил никого да избега!
Ива Михајлова воопшто не ми кажа дека ја гонат за сообраќајка со смртни последици, ниту пак знаев дека против неа ќе се води судска постапка кога дадов предлог да се лекува во Бугариј, и тоа само како опција, а не како единствено лекување, тврди во изјава за „Слободен печат“ професор доктор Иван Барбов од Универзитетската клиника за неврологија.
Тој додава дека таа повеќе пати доаѓала кај него на преглед во ЈЗУ Клиника за неврологија, каде примала терапија.Според него, Михајлова имала само бугарско здравствено осигурување и овој факт му влијаел да го даде мислењето дека може да се лекува во Бугарија кое што не било прифатено од судот.
Барбов за „Слободен печат“ рече дека не се чувствува одговорен за тоа што Ива Михајлова избега во Бугарија и додаде дека ЈЗУ Клиника за неврологија никогаш на стручен колегиум не дискутирала на темата да се даде конзилијарно мислење до Комисијата на ФЗОМ која одобрува лекување во странство за Ива Михајлова. Следствено, додаде тој – неговиот предлог не влегол во никаква постапка за издавање на мислење за лекување во странство. Потврда за тоа е решението на судот со кое се отфрла барањето на Михаилова да оди на лекување во Бугарија.
Утринава Државниот здравствен и санитарен инспекторат бил повикан на Клиниката од негова страна, да изврши надзор во лекувањето на Ива Михајлова на клиниката.
-Јас побарав, нема што да криеме. Никогаш не сме имале стручен колегиум на кој сме дале конзилијарно мислење кое би морало да биде испратено до Комисијата на ФЗОМ за лекување во странство. Нас такво барање од Ива Михајлова не ни има стигнато воопшто, рекол директорот Јован Божиновски за „Слободен печат“.
Медицинскиот извештај изготвен од неврологот доктор Барбов се најде во фокусот на јавноста откако беше објавен документ со негов факсимил од системот „Мој Термин“ во кој тој препорачал лекување во странство на Ива Михајлова. Во извештајот доктор Барбов предложил терапија со баклофенска или дуодопа пумпа.
Овој метод бара мала хируршка интервенција, пумпата се имплантира поткожно во слабинскиот дел а цевчето преку кое оди терапијата треба да се вметне во субарахноидалниот простор на рбетниот столб, заради континуирано течење на терапијата. Бидејќи овие методи на лекување не се изведуваат во нашата држава, предлагам лекување во некоја од соседните земји како Бугарија или Турција, напишал тој во медицинскиот извештај. Но, овој медицински извештај не бил прифатен од судот, во смисла на тоа дека е предлог и нема конзилијарно мислење за лекување на Михајлова во странство.
Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција, побара истрага од надлежните институции.
„Докторот кој ја констатира дијагнозата на Ива Михаилова е доктор Иван Барбов, кој беше поставен за директор на Клиниката за неврологија во 2017 година, од страна на Зоран Заев и Венко Филипче. Токму докторот Иван Барбов изготвил извештај на неколку страници во кои јасно се вели дека методата за лекување на пациентот Ива Михаилова ја нема во Македонија, туку дека ја има во една од соседните земји како што е Република Бугарија. Истиот Иван Барбов е познат во јавноста како осуден криминалец во судскиот случај „Метастаза“, каде што бил еден од обвинетите за посредување во издавањето на инвалидски пензии“, рече вчера на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Потоа доктор Иван Барбов на социјалните мрежи објави статус со следната содржина:
„Јас само лекувам пациенти, не сум пуштил никого да избега…“