Ѓорѓиевски се сретна со бордот на директори од ЕБОР: Скопје заслужува големи проекти и резултати што ќе го менуваат животот на граѓаните
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска остварил средба со делегацијата на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој, со цел, како што истакна тој, да се продлабочи соработката за реализација на стратешките инвестиции што му се потребни на нашиот град.
-Мојата определба е цврста. Секој проект мора да решава вистински проблем, а секоја инвестиција да носи конкретна придобивка за скопјани.
Посебен акцент ставивме на Брзиот автобуски превоз – БРТ. Веќе е започната постапката за претквалификација на изведувачи за Линија 1, а паралелно продолжуваат активностите за обезбедување стручна поддршка за реализација на проектот – наведе Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

Тој нагласи дека Скопјани заслужуваат побрз, посигурен и поквалитетен јавен превоз – помалку време во сообраќај, полесно пристигнување на работа и на училиште, помал метеж и почист воздух.
-Разговаравме и за пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, инвестиција од огромно значење за заштитата на водите, животната средина и здравјето на граѓаните. Тоа е одговорност и кон генерациите на кои ќе им го оставиме овој град – напиша Ѓорѓиевски.
Градоначалникот рече и дека ја потврдил и определбата за понатамошна соработка во модернизацијата на инфраструктурата, енергетската ефикасност и реализацијата на Зелениот акциски план за Скопје.

-Довербата што ја добив од граѓаните е мојата најголема обврска. Ќе продолжам да ги придвижувам проектите и истрајно да работам до нивна реализација. Нашиот успех мора да се чувствува во секојдневието на скопјани! За Скопје што оди напред. За град на кој повторно ќе бидеме горди! – истакнува тој во објавата по средбата со претставниците на ЕБОР.