ООУ „Лазо Ангеловски“ уредува паркче во чест на Тоше Проески
На улицата што го носи неговото име, меѓу детските пораки и деветте засадени дрвја, повторно ќе се слушнат песните на Тоше. На 16 октомври 2026 година во Ново Лисиче ќе се одржи „Тоше, те сакаме сите“ – настан што ќе ги поврзе сеќавањето на неговиот глас и добрината што продолжува да ги собира луѓето.
Одбележувањето на 19-годишнината од трагичната сообраќајна несреќа во која Тоше Проески го загуби животот ќе започне во 16 часот на улицата „Тоше Проески“. Организатор е ООУ „Лазо Ангеловски“ заедно со наставниците и родителите.
„Добрината не престанува – таа расте“ е пораката под која ќе се соберат ученици, родители, наставници, музичари и граѓани. Во нејзиниот дух е создадено и новото урбано катче со хортикултурно уредување во чест на Тоше. Деветте генерациски дрвја засадени во паркчето ќе останат како симбол на врската меѓу децата и вредностите што тој ги остави зад себе.
Првите „Чекори на добрината“ ќе тргнат од училишниот двор. Во заедничката прошетка децата ќе понесат пораки за љубов, пријателство и хуманост, по што ќе следува свеченото отворање на паркчето.
Кај фонтаната со ликот на Тоше на Детската улица ќе се одржи централната програма. Училишниот хор ќе ја изведе „За овој свет“, песна чија порака ќе прозвучи преку детските гласови. Предвидени се и обраќања на претставници на училиштето, Општина Аеродром и родителите.
Во музичката програма, покрај хорот и оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“, ќе настапат Next Time, Ламбе Алабакоски, Филип Божиновски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, The Crew, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска.
Почит кон Тоше и неговото творештво ќе оддадат и музичките таленти Михаил Милошевски, Јосиф Коштримовски, Билјана Ивановска, Андреј Цаневски, Нела Манчевска, Лара Митевска, Бјанка Џорџиана Дуца и Агнеа Русомаровска. Нивните настапи ќе бидат дел од средбата на генерациите што ги поврзува неговата музика.
Настанот е поддржан од Општина Аеродром, ЈУ „Универзална сала“ Скопје и агенцијата „Lions in Move“, а потпомогнат од „Местенце“, „Baking Bread“ и „Лапетит Милдфуд“.
Организаторите ги покануваат сите граѓани да се придружат и преку песна и заедништво да го зачуваат споменот на Тоше и неговата порака за љубов и добрина. Во Ново Лисиче тој спомен ќе добие и корени – во девет дрвја што ќе растат со децата.
Тоше, добрината продолжува!