Бугарија ќе се обиде да нѐ внесе во предизборната кампања, тврди Мицкоски
Во периодот што следи државата ќе се соочи со два крупни предизвици – обид на внатрешни структури за создавање нестабилност и обид од нашиот источен сосед да не’ внесат во предизборната реторика, предупредува премиерот Христијан Мицкоски, апелирајќи до македонските граѓани, до политичарите, до оние коишто и мислат добро на татковината и на граѓаните да не наседнуваме на овие провокации.
Мицкоски, кој се наоѓа во прва официјална посета на Хрватска, во изјава за МИА уверува дека „ние си имаме наша стратешка цел и знаеме по кој пат треба да чекориме“.
„Знаеме што треба да направиме, знаеме што очекуваат граѓаните од нас и треба да го испорачаме тоа што тие го очекуваат од нас и за тоа ќе треба да работиме секој ден жестоко, напорно и посветено и најбитно чесно… Така што, од овде од Загреб мојата порака е – ве молам да се стремиме кон тоа што е наш интерес, да не влегуваме во замката на интересите на поедини криминални структури внатре во земјата и да не влегуваме во замката да бидеме вовлечени во предизборната кампања и реторика кај нашиот источен сосед“, изјави Мицкоски.
Оваа естрада, во која што, како што подвлече Мицкоски, ќе се обидуваат овие центри на моќ внатре, но и надвор од земјава да нѐ внесат „треба да ги гледаме одозгора, тие не го заслужуваат нашето внимание“.
Во однос на реакциите од бугарското МНР дека државата се оддалечува од евроинтеграциите со изјавата за репреговарање на Францускиот предлог Мицкоски вели дека „тамошните политичари ќе сторат сѐ за да нѐ внесат во нивната предизборна реторика и на тој начин да предизвикаат реакција од наша страна со која што ќе се обидат да нѐ портретираат кај нашите пријатели во меѓународната заедница дека ние сме тие палавите, дека ние сме тие лошите, дека тие се добрите и дека на тој начин практично ние создаваме кавга, немир“.