Бугарија го избра изведувачот на пругата кон Македонија


Железничката станица во Ѓуешево

 

Бугарската Националната компанија за железничка инфраструктура (НКЖИ) потпиша договор за изградба на последната железничка делница кон Македонија со конзорциумот „Ѓуешево 2025“, во кој се вклучени „Трејс груп холд“ и „ВДХ“.

Договорот е потпишан на 20 февруари, но моментално не е во сила. Ќе стапи во сила откако ќе се обезбеди финансирањето. Во случај НКЖИ да не обезбеди финансиски средства во рок од три месеци, секоја страна има право да го раскине договорот. Доколку во рок од 10 месеци од потпишувањето сè уште нема финансирање, договорот автоматски се раскинува по закон, пишува „Медиапул“.

„Трејс груп холд“ и „ВДХ“ го добија договорот за изградба на железничка пруга од 2,4 км од Ѓуешево до границата со Северна Македонија, откако понудија најниска цена од сите кандидати – нешто над 50 милиони евра и добија максимални 100 поени.

Во моментов, не е склучен договор за другата јавна набавка поврзана со модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир. Причината е што набавката беше обжалена од тројца кандидати.