„Буџетот не ни е во најдобра состојба“: Се напушта ли идејата „Чебрен“ да биде државен

Божиновска смета дека „Чебрен“ треба да биде државен, но вели и дека за хидроелектраната биле заинтерсирани јапонска компанија и француската ЕДФ


 

Ја напушта ли Владата идејата клучниот енергетски проект во државата, хидроелектраната „Чебрен“ да биде државен? Ваквата перцепција се наметнува по неколкуте изјави на премиерот Христијан Мицкоски на оваа тема, а денеска и министерката за енергетика, Сања Божиновска, „долеа масло“ изјавувајќи дека Буџетот не е во најдобра состојба, како и дека има и други проекти, пред сѐ во здравствсто и транспортот, па затоа треба Владата да направи приоритети.

Таа сепак смета дека „Чебрен“ треба да биде државен проект, но исто така рече дека за овој проект заинтерирани биле една јапонска компанија и француската ЕДФ.

„Мислам дека во следниот месец-два ќе имаме повеќе информации, меѓутоа се работи. Како што знаете Буџетот не ни е во најдобра состојба, меѓутоа ќе видиме. Сепак се работи за над една милијарда евра инвестиција“, изјави денес Божиновска, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година во кој најави над 5 милијарди евра инвестиции во енергетиката.

Таа посочи дека се разгледуваат сите можности.

„Најубаво е да биде наша инвестиција, но мора да видиме реално и какви се финансиските можности“, рече Божиновска.

Таа нагласи дека како влада и министерство не се откажуваат од проектот „Чебрен“ за кој повтори уште еднаш дека е „секако е најдобро да биде наш проект“, меѓутоа ако се погледне Буџетот и кога ќе се види што останува за капитални инвестиции, очигледно во игра се и други математики.

„Ќе видиме, ќе разгледаме и најдобро што е, какви се најдобрите финансиски можности, ќе одиме на таа варијанта“, рече Божиновска, посочувајќи дека овој капацитет би се градел меѓу седум и десет години.

На забелешката дека пари за капитални инвестиции сепак има, односно дека во Буџетот секоја година тие потфрлаат во реализацијата во однос на првичните проекции, па остануваат нереализирани средства кои што може да се наменат токму за еден ваков капитален објект како што е хидроцентралата „Чебрен“, Божиновска рече дека се согласува, но додаде дека има и други министерства кои имаат проекти и кои исто така сакаат да ги реализираат.

„Се согласувам дека тоа е најкапитален проект во државата, но има и од здравство и од транспорт, има и од други, треба да видиме и да се договориме која е приоритет на ниво на државата. Има многу желби, треба да видиме што е реално“, рече Божиновска.

Иако таа не посочи конкретно, од оваа нејзина изјава јасно е дека во Владата се „кршат копја“ околу амбициите да се изгради брзата пруга (транспорт) и заложбите за изградба на нов клинички центар (здравство).

За илустрација, минатата година во почетниот буџет за 2025 година капиталните расходи беа планирани на околу 50,6 милијарди денари, а со ребалансот беа прилагодени на околу 47,5 милијарди денари, но и така намалени, се реализираа само со околу 65 отсто.

За време на минатата Влада предводена од СДСМ, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ практично го урна договорот кој беше постигнат за изградба на „Чебрен“, обвинувајќи за енергетско предавство, односно забележувајќи на предолгиот рок на концесијата за експлоатација на енергетскиот објект, потоа за ставањето во пакет со ХЕЦ „Тиквеш“ и тн. Во оваа кампања се придружија и луѓе од енергетската област, кои силно се залагаа за изградба на „Чебрен“ како објект во државна сопственост со што би се зајакнала и енергетската независност на државата.

Иако Владата официјално никогаш не отстапи од заложбата „Чебрен“ да биде државен, сепак, во разни форми се остава можноста тој да биде финансиран и со јавно приватно партнерство.

Премиерот Христијан Мицкоски како што самиот кажа, проектот го претставил и за време на Светскиот економски форум во Давос, каде што зборувал на темата енергетика на еден од панелите на кои што учествувал.

„Како приоритет ги ставив проектите Чебрен, Галиште и Бошков Мост коишто се само 2 милијарди, во донос на 400 милијарди кои што ни стојат како можност секоја година. Кога зборувам две милијарди, зборувам за период од 7 до 10 години колку што треба овие капацитети да се изградат“, додаде Мицкоски. 

Претходно, уште во април минатата година при посета на владина делегација која ја предводеше Мицкоски во Обединетите Арапски Емирати, пред тамошните инвеститори биле презентирани повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои биле проекти од областа на транспортот, енергетиката, туризмот… Меѓу другото, станало збор за коридорите 8 и 10, потоа за Охрид, Попова Шапка, но и за Чебрен и Галиште.

„Ги презентиравме можностите за инвестирање во Македонија, работиме за да се најдеме на мапата на светските инвеститори“, порача тогаш премиерот од ОАЕ.

Еден месец подоцна, Мицкоски, на надзорната расправа во Собранието за амбиенталниот воздух, рече дека „ќе се користат средства од британскиот заем за изградба на систем хидроелектрани ‘Чебрен’ и ‘Галиште’ и со една помеѓу нив, ‘Орлов Камен’, односно инвестиција од 1,2- 1,3 милијарди евра“.

Уште еден месец подоцна, на одбележување на годишнината на Министерството за енергетика, министерката Божиновска изјави дека „Чебрен“ ќе стане факт и дека „за многу кратко време“ ќе се знае како ќе се реализира проектот за хидроцентралата за која досега имаше 14 неуспешни тендери, дали целосно од страна на државата или со јавно-приватно партнерство.

Но и повеќе од седум месеци подоцна, нема ништо конкретно околу финансирањето и изградбата на овој инвестициски проект, чија идниина и натаму е маглива, исто како и заложбите и ветувањата дека ќе биде државен, што е во голем расчекор со реалноста.