Бучковски: Дадов сè од себе да не замре дијалогот со Бугарија
Експремиерот Владо Бучковски се надева дека со неговиот ангажман изминатите 13 месец како специјален владин претставник за Бугарија дал свој придонес за односите помеѓу двете земји и дека тој придонес ќе биде од значење за понатамошниот дијалог помеѓу новите влади во Скопје и Софија којшто ќе се води со нова енергија и нова методологија. Во изјава по неговото разрешување на денешната владина седница, тој вели дека дал сè од себе да не замре дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и да не дојде до негативна ескалација на односите.
„Ми беше чест што изминативе 13 месеци бев специјален претставник на Владата за односите со Бугарија. Бев именуван две недели по блокадата на Бугарија во исклучително сложени околности. Беше нарушена меѓусебната доверба и преовладуваше говорот на омраза … И во вакви неповолни околности дадов сè од себе да не замре дијалогот и да не дојде до натамошна негативна ескалација во односите на двете држави. Еден мој пријател од Софија, често ми велеше ’ти си тука чуварот на огнот, не дозволуваш да се угаси огнот кој ја подгрева надежта дека Бугарија и Северна Македонија можат и ќе бидат, час поскоро, вистински пријатели и сојузници‘. Се надевам дека со мојот ангажман дадов и свој придонес кој ќе биде од значење при скорешното продолжување на дијалогот помеѓу двете влади и двајцата нови премиери, дијалог кој ќе се води со нова позитивна енергија и нова преговарачка методологија. На крајот изразувам голема благодарност на премиерот Заев за укажаната доверба, благодарност до министерот Османи за успешната соработка и до генералниот секретар на Владата Зекири за беспрекорната логистичка поддршка“, вели Бучковски во изјавата по разрешувањето.
Се огласија и од Владата од каде му се заблагодарија и најавија дека двајцата нови премиери, Димитар Ковачевски и Кирил Петков ќе ти утврдат начините и чекорите за разрешување на отворените прашања помеѓу двете држави.