БРТ системот почнува на терен во 2027, претходно пристигнуваат 100 нови автобуси
Скопје конечно ќе добие модерен јавен превоз преку набавка на над 100 нови автобуси и реализација на БРТ системот (Брз автобуски транспорт), најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Според неговите зборови, теренската изведба на БРТ проектот ќе започне во 2027 година, а постапките за тендерирање се очекуваат веќе во втората половина на оваа година откако процесот со ЕБОР е успешно откочен.
„Верувам дека некаде втората половина на оваа календарска година ќе започнеме со тендерирање на таа постапка. Тоа е сериозен проект за градот Скопје којшто генерално ќе ги среди овие гужви коишто ги имаме сообраќајни, а се поврзани со делувањето на автобусите во трасите во моментов во градот Скопје, истакна Ѓорѓиевски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Бас рапид транзит системот беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов, а за него Собранието донесе закон, додека државата се задолжи кај ЕБОР. Сепак, со години советниците во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не го гласаа спроведувањето на овој систем.
За проблемите со јавниот превоз, доцнењето на автобусите, возниот ред на интернет страниците, градоначалникот на Скопје, пак, вели дека во моментот прави се со она што располагаат да го стават во функција на граѓаните.
-Јас секогаш сум искрен во моите искази и настапи во јавноста и ова ќе морам да го проверам со директорот Саше Илиевски, којшто знам дека дава се од себе изминатиов период. Најпрво имаше информација пред неколку дена во јавноста дека 150-тина автобуси биле секојдневно ставани во функција, уште 30 плус се поправени, а стоеа по гаражите изминатиов период. Значи околу 180 автобуси имаме како јавно сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје коишто се обраќаат на линиите низ градот. Ќе морам да проверам, доколку има точна информација или забелешка од некој од граѓаните, еве апелирам да реагираат до градот Скопје, но и до јавното сообраќајно претпријатие. Откако ќе ни стигнат новите 100 автобуси од Владата, 30 автобуси преку БРТ, тогаш ние ќе можеме да дискутираме ако имаме некоја аномалија дека ние не сме направиле се. Но во моментов јас давам се од себе со тоа што располагаме да го ставиме во целосна функција за граѓаните, рече Ѓорѓиевски.
Во врска со тоа дали смета дека проширувањето на улици е најдобар пристап во град кој веќе се соочува со сериозно загадување и прекумерна доминација на автомобили во јавниот простор, оцени дека за овој проблем има паралелен пристап, од една страна ги решаваат тесните грла во градот, од друга се обрнува внимание и на еколошкиот транспорт.
-Јас имам паралелен пристап. Од една страна ги решаваме тесните грла во градот, за да обезбедиме нормален проток во сообраќајот, повеќе кружни текови да можеме да изградиме, да нема застој на возилата, а со тоа и повеќе испуштања на гасови од возилата, за да не биде амбиенталниот воздух таков како што е години наназад, особено зимскиот период. Но дополнително и обрнуваме внимание и на еколошкиот транспорт, за од двете страни процесите да ги заокружиме онака како што треба кога станува збор за транспортот. Ние не можеме амбиенталниот воздух во главниот град да го подобриме единствено ако набавиме еко-автобуси или единствено ако ги прошириме булеварите и овозможиме понормален проток од оној којшто го имаме во моментот. Тоа се многу процеси коишто треба да ги завршиме наредниот период. Тука спаѓаат и домаќинствата, и гасните централи на коишто работиме интензивно со Владата, обезбедувајќи позиции коишто би биле во иднина гасни централи, преку коишто оние домаќинства кои користат цврсти горива, односно дрва изминативе 30 и повеќе години, би ги обезбедиле со еден топловод за да може алтернативно гориво да користат. Тоа се и мерки и субвенции за такси превозниците коишто се над 2,5 илјади во главниот град за да можат да го обноват возниот парк и да користат еко возила. Така што, ова е сплет на околности во коишто ќе треба да влијаеме по малку во секоја сфера, но на крајот на денот тоа е процес којшто започнува од граѓанинот, а завршува до централните институции, односно до Владата, не само до градот Скопје, во којшто сите ќе треба по нешто да дадеме, истакна Ѓорѓиевски.