Бројот на милионери во светот достигна 20,8 милиони, дури 63 отсто од нив се во четири земји

Бројот на милионери ширум светот ја надмина границата од 20 милиони во текот на 2020 година, покажуваат новите податоци објавени од консултантската куќа „Капгемини“ во вторникот.
Бројот на луѓе чие богатство вреди милион долари или повеќе се зголеми за 6,3 проценти, на 20,8 милиони луѓе, во текот на годината на глобална пандемија на корона вирусот, соопшти „Капгемини“.
Вкупното богатство во сопственост на таа група луѓе се зголеми за 7,6 проценти, на вкупно 80 илјади милијарди долари. Големи добивки беа остварени како резултат на повисоките пазарни вредности на акциите, пренесува регионалниот портал СЕЕбизз.
Земјите со најбогати луѓе се САД, Јапонија, Германија и Кина. Дури 63 проценти од светските милионери живеат во овие четири земји.
Најбрз раст во 2020 година има кај супербогатите, оние со богатство вредно најмалку 30 милиони долари. Овој клуб порасна за 9 проценти во 2020 година.
„Капгемини“ ги следи цените на акциите, сопственост врз обврзниците, алтернативните инвестиции, парите и средствата при проценка на вредноста.
Исто така, се потпира на податоци од меѓународни организации како што е Светска банка, како и на податоци од анкети на богати и нивни финансиски менаџери. Рангирањето во голема мерка е во согласност со голем број други светски графикони за богатите објавени неодамна.