Бројки за по дома – колку вреди македонската плата?

Прашањето кое што се наметнува е ако ние толку добро напредуваме во економијата, мерено преку растот на БДП, нивото на јавниот долг, инфлацијата и ако животниот стандард е над нивоата во земји членки во ЕУ, зошто тоа не се рефлектира и на кредитниот рејтинг на земјава


Вистинска борба со бројки и економски показатели се води деновиве на политичката сцена, но и во медиумите блиски до едната или другата политичка опција, за да се покаже во чие време се живеело подобро и кој има(л) поголеми успеси на планот на економијата. Се „пука“ со сите средства – се користат податоци и соопштенија на Евростат, на Светска банка, извештаите на ЕУ за напредокот на земјата, на домашната официјална статистика, се прават дури и лични анализи и проекции… Кога домашниот бруто производ имал повисоки стапки на раст, колку биле странските директни инвестиции, кој колку километри патишта направил, колку пораснале просечните плати и пензии, кога била повисока стапката на инфлација, и што уште не.

Во целата игра со бројки и податоци и докажувањето колку ни е добар животниот стандард, односно колку вреди дома минималната или просечната плата, никој не направи споредба колку таа плата што ја зема македонскиот граѓанин (минимална или просечна) вреди надвор од земјава. Ако се направат такви анализи, резултатите сигурно нема да бидат многу поволни.

Во „пресингот“ со параметри и споредбени податоци, предничи премиерот Христијан Мицкоски, кој е прилично вешт со бројки и тоа умешно го користи во своите јавни настапи. Така, во последното интервју за ТВ Сител, тој крена прашина со изјавата дека доколку се направи компаративна анализа помеѓу владите на СДСМ и ДУИ и сегашната предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со ВЛЕН и ЗНАМ како коалициони партнери, се доаѓа до заклучок дека просечната плата сега расте за 70 отсто месечно повеќе, а старосната пензија, според анализата за која се пофали дека ја правел лично тој, е за цели 325 отсто побрзорастечка на месечно ниво споредено со претходната влада.

„Математички прецизно“, што би рекол премиерот, овие пресметки се веројатно точни, но проблемот е што кажани „во рафал“, од многумина беа протолкувани дека пензиите се зголемени повеќе од три пати, а платите речиси се дуплирале, што секако не соодветствуваше со математиките на обичните луѓе. Еден од пензионерите вели, во пензија сум повеќе од десет години, но мојата пензија ни оддалеку не е зголемена три пати, од каде сега ова?

Како на обичниот пензионер да му се објасни дека станува збор за математичка операција во која се зема порастот на пензиите во едниот и во другиот период, па тој се дели по месеци и потоа се споредува динамиката, па се пресметуваат проценти… Тешко, бидејќи во ушите одзвонуваат оние 325 проценти.

Тука веќе може да се зборува за манипулација со бројките, бидејќи, без оглед дали математиката на премиерот е прецизна, без да се стави во контекст со мислењето на Фискалниот совет за начинот на (линеарното) зголемување на пензиите и влијанието врз дефицитот во фондот за ПИОМ и обврските кои како товар долгорочно ќе ги има Буџетот, целата вистина за „енормниот пораст“ е прилично замаглена.

Слични дебати се јавија околу платите во државата, особено минималната плата, спредена со куповната моќ, споредба која што ја направи Еуростат и која Владата ја користи како аргумент во своја полза дека во земјава се живее многу подобро отколку што многумина мислат и чувствуваат.

Накусо, Еуростат пресмета дека повеќе од половина од набљудуваните земји, 15 од нив, имаат бруто минимална плата помала од 1.000 евра. Најниска е во Украина (169 евра) и Молдавија (313 евра). Во рамките на Европската унија, Бугарија има најниска минимална плата (620 евра), но четири земји-кандидатки имаат поголем износ: Турција (621 евра), Северна Македонија (624 евра), Црна Гора (670 евра) и Србија (743 евра).

Но, кога платите се изразуваат во стандарди на куповна моќ (ППС), кои мерат што жителите на една земја всушност можат да си дозволат, разликите меѓу земјите стануваат помали, а рангирањето значително се менува. ППС е вештачка единица што овозможува пофер споредба на трошоците за живот. Анализата покажува дека некои земји-кандидатки ги претекнуваат членките на ЕУ во однос на куповната моќ. Северна Македонија (1.142 ППС) и Србија (1.094 ППС) имаат повисок минимум по ППС од седум земји-членки, вклучувајќи ги Малта, Словачка, Унгарија и Чешка. Плус, дека од јануари до јули 2026 година, само осум од 29-те земји што беа набљудувани ја зголемија минималната плата. Најголеми зголемувања беа забележани во Северна Македонија (6,9%), Романија (6,8%) и Естонија (6,8%). По нив следуваат Белгија (5,8%), Грција (4,5%), Луксембург (2,5%), Франција (2,4%) и Холандија (1,9%). Во другите земји, износите останаа непроменети.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ овие податоци претставуваат „јасен показател дека политиките насочени кон подобрување на животниот стандард и растот на платите даваат резултати. Континуираното зголемување на минималната плата придонесува за поголема куповна моќ на граѓаните, подобра економска сигурност и поголема конкурентност на државата во регионот“.

Од друга тсрана, пак, СДСМ смета дека Владата ја започна третата година од мандатот без резултати во клучните области, како и дека премиерот се обидува со статистички бројки „само од неговиот личен свет да ги убеди граѓаните дека живеат подобро“, додека стварноста е спротивна – граѓаните живеат со празни паричници и празни фрижидери.

„Тие бројки кои што премиерот ги кажува, очигледно од светот во кој што само тој и неговата мала група на луѓе околу него живеат, граѓаните не ги чувствуваат. Тие ги гледаат празните паричници и празните фрижидери“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој најави дека СДСМ повторно ќе го поднесе во Собранието предлог-законот за 600 евра минимална плата. Филипче посочи дека и покрај фалењето на премиерот Мицкоски со наводни економски успеси и раст на платите, граѓаните реално не ги чувствуваат тие бројки, туку се соочуваат со растечки трошоци и се потешко ги покриваат основните потреби.

„Не 26.000 денари како што е сега, туку толку колку што им е потребно на луѓето да ги закрпат основните потреби, основните трошоци, посебно кога почнува школската година и кога трошоците за живот, за функционирање многу растат“, рече Филипче.

Слични се и дебатите за јавниот долг, порастот на домашниот бруто-производ и инфлацијата, бројките се вадат без да се гледа контекстот кога биле остварени или кога потфрлиле.

Но, она што паѓа во очи, а ниту едната ниту другата политичка гарнитура не го става во преден план, е кредитниот рејтинг на земјава, кој со години е непроменет и е во зоната на таканаречени шпекулативни нивоа.

Прашањето кое што се наметнува е ако ние толку добро напредуваме во економијата, мерено преку растот на БДП, нивото на јавниот долг, инфлацијата и ако животниот стандард е над нивоата во земји членки во ЕУ, зошто тоа не се рефлектира и на кредитниот рејтинг на земјава, кој го доделуваат реномирани кредитни агенции (во нашиот случај Стандард и Пурс и Фич).

Само за илустрација, во периодот од 2020 до 2026 година, суверениот кредитен рејтинг на Македонија остана непроменет кај двете водечки светски рејтинг агенции. Агенцијата Стандард и Пурс го задржува рејтингот на BB- со стабилен изглед, додека агенцијата  Фич го потврдува рејтингот на ниво BB+ со стабилен изглед. Овие оценки значат дека земјата се наоѓа во шпекулативната категорија (non-investment grade), но со потврдена макроекономска стабилност. Двете агенции во своите редовни годишни и полугодишни извештаи ги нотираат следните позитивни двигатели за земјата: стабилна монетарна политика, умерен државен долг, економски раст (поттикнат од големите јавни инфраструктурни проекти како изградбата на Коридорите 8 и 10д), растот на платите и приватните инвестиции, како посветеноста на реформскиот процес кон ЕУ.

Од друга страна, агенциите истовремено предупредуваат на структурните слабости кои го спречуваат зголемувањето на кредитниот рејтинг во повисока категорија, како високиот буџетски дефицит, надворешните шокови и високата изложеност на македонската економија кон случувањата во ЕУ, особено кон Германија која е најголем трговски партнер на земјата, потоа структурните проблеми, негативните демографски трендови, иселувањето, недостигот на квалификувана работна сила и ниската продуктивност, политичките блокади, забавените евроинтеграции поради политичките спорови со Бугарија…

За споредба, некои од земјите кои сме ги „претркале“ во однос на некои од економските показатели, како минималната плата мерена според реалната куповна моќ, веќе имаат инвестициски рејтинг, како Србија која таква оцена доби од Стандард  и Пурс, Бугарија и Унгарија исто така, да не зборуваме за Словачка, Чешка… (последните три се и во клубот на богатите – ОЕЦД).

Но, мачкањето очи дека кај нас се живее подобро е очигледно политички погодно. Или, како што вели една мисла: „Лесно е да се лаже со статистика. Тешко е да се каже вистината без статистика.“