Бродоломите од битката кај Галиполе во фокусот на меѓународниот натпревар за подводна фотографија во Чанаккале


Фотографи и авантуристи од целиот свет се дел од меѓународниот натпревар во подводна фотографија – Gallipoli Wreck Fest, што се одржува во Чанаккале. Настанот има за цел да ја овековечи легендарната битка за Галиполе која се одиграла во Првата светска војна и траела од ноември 1914 до март 1915 година. Натпреварот трае од 29 август до 7 септември и се случува во историскиот подводен парк во Галиполе, каде се сочувани некои од најимпресивните подводни остатоци од Првата светска војна, а уникатниот морски свет егзистира во хармонија со историјата.

Во историскиот парк дојдоа светски познати и специјализирани подводни фотографи и сниматели, со цел да го документираат и да го пренесат реткиот спој на историското наследство и природната убавина. Преку фотографии, тие ќе ги отсликаат последиците од оваа тешка битка, во која покрај турската армија, учествувале и војници од повеќе земји во светот.

Свеченото отворање се одржа  во тврдината Седјулбахир, а направените фотографии, по професионална обработка ќе бидат оценети  и наградени.

Галиполе се наоѓа во близина на Чанаккале, во северно-егејскиот регион на Туркије, место каде успешно се спојува историјата, митологијата и природата, од легендарните урнатини на Троја, преку лозјата, до тиркизните брегови и мирните острови. Покрај одбележувањето на битката кај Галиполе, овој настан ги прикажува и потенцијалите на регионот за сите пасионирани љубители на подводните спортови.

Подводниот парк во Галиполе беше отворен во 2021 година, откако заврши операцијата на дислокација на гранатите од Првата светска војна, кои биле сѐ уште активни.