Британскиот принц Џорџ ќе учи во престижниот колеџ Итон
Британскиот принц Џорџ, 12-годишниот внук на кралот Чарлс, ќе ги следи стапките на својот татко и ќе учи во престижниот колеџ Итон подоцна оваа година, објави Кенсингтон палатата во вторник.
Таткото на Џорџ, престолонаследникот Вилијам, и неговиот чичко принцот Хари, исто така, студирале на Итон, едно од најелитните училишта во Велика Британија, кое се наоѓа во близина на замокот Виндзор, западно од Лондон.
„Кенсингтон палатата може да потврди дека принцот Џорџ ќе учи во колеџот Итон од овој септември“, соопшти канцеларијата на Вилијам. Школарината за момчиња е околу 85.000 долари годишно.
Во моментов, Џорџ, втор по ред за престолот, посетува приватното училиште Ламбрук со својата сестра Шарлот и братот Луис во близина на Виндзор, каде што семејството има дом.
Колеџот Итон е светски познат англиски приватен и целосно резиденцијален интернат за момчиња на возраст од 13 до 18 години. Се наоѓа во градот Итон во округот Беркшир, веднаш преку реката Темза од кралскиот замок Виндзор. Се смета за една од најпрестижните и најексклузивните образовни институции во светот.
Училиштето е основано во 1440 година од кралот Хенри VI под името „Kynge’s College of Our Ladye of Eton besyde Windesore“ за да обезбеди бесплатно образование за 70 сиромашни момчиња. Денес, има повеќе од 1.300 ученици распоредени во 25 куќи (домови). Познат е по строгото зачувување на традицијата, вклучувајќи ја и препознатливата училишна униформа што се состои од црн фрак, елек и пругасти панталони. Итон образувал дури 20 британски премиери (вклучувајќи ги Дејвид Камерон и Борис Џонсон), членови на кралското семејство и бројни светски познати актери и интелектуалци.