Лондон и Скопје преговараат за прифаќање мигранти од Британија, јавија британските медиуми

Планот, како што го пренесуваат британските весници, предвидува финансиска поддршка за Македонија за секој лице што би го прифатила


Христијан Мицкоски и Кир Стармер се сретнаа во октомври во Лондон. Британскиот премиер тогаш соопшти дека разговарале за мигрантите
 

Македонија влезе во формални преговори со Обединетото Кралство за можноста да прифаќа мигранти чији барања за азил биле одбиени во Британија, објави „Тајмс“, повикувајќи се на извори од британската влада. Информацијата потоа ја пренесоа голем дел од британските медиуми со свои дополнувања.

Според медиумските пишувања, станува збор за нов модел на соработка со кој Велика Британија би ги пренасочувала одредени категории на мигранти кон партнерски земји.

Планот, како што го пренесуваат британските весници, предвидува финансиска поддршка за Македонија за секој лице што би го прифатила, заедно со дополнителни инвестиции и програми за зајакнување на безбедносниот сектор, особено во контекст на зголеменото руско влијание на Западен Балкан.

Разговорите меѓу двете земји започнаа оваа есен, при што Македонија се придружи на мала група нации кои моментално преговараат за слични аранжмани со Велика Британија.

Премиерот Кир Стармер ја гледа шемата како потенцијално средство за одвраќање од преминување на Ла Манш со мали чамци, откако тој призна во преписка со претседателот Емануел Макрон минатиот месец дека во моментов „нема ефикасно одвраќање“.

Според информациите, мигрантите би имале можност да поднесат барање за азил во Македонија или да аплицираат за работни визи во области каде што недостига работна сила. За разлика од класичните модели, тие не би биле сместени во затворен тип на центри и би можеле слободно да ја напуштат земјата доколку одлучат.

Слични разговори, наведуваат британските медиуми, Лондон веќе водел и со Косово, додека дел од земјите во регионот, вклучително Албанија и Босна и Херцеговина, одбиле учество во ваков аранжман.

Запрашана за преговорите со Македонија, канцеларијата на британскиот премиер одговорила дека не коментира тековни иницијативи од ваков вид, но нагласила дека Велика Британија работи на „сериозни мерки“ за решавање на миграционите предизвици и дека „не постои едноставно решение“.

Директорот за истражување во Центарот за контрола на миграцијата, Роберт Бејтс, изјави за GB News: „Стармер помина неколку месеци молејќи ги балканските земји да ги прифатат одбиените баратели на азил и досега беше релативно неуспешен. Нелегалните мигранти сè уште ќе имаат право да бараат азил во Велика Британија и малку е веројатно дека шемата ќе биде доволно сеопфатна за да се справи со голем број лица“.

Кир Стармер ги нарече центрите за враќање „навистина важна иновација“, отфрлајќи ги споредбите со укинатата шема на конзервативците во Руанда. За разлика од пропаднатиот план за Руанда, мигрантите ќе бидат испратени во странство само откако ќе бидат исцрпени сите жалби за азил во Велика Британија.

Германија и Данска се меѓу другите земји кои истражуваат слични центри, а агенцијата за бегалци на ОН вели дека ќе ги поддржи доколку се почитуваат заштитните мерки за човекови права.

Досега оваа година 39.292 мигранти со мали чамци стигнале до Велика Британија преку Ла Манш, што е зголемување од 17 проценти

Британскиот премиер ги таргетира земјите од Западен Балкан, кои имаат помала веројатност да предизвикаат долги правни спорови и веќе се потпишани на Европската конвенција за човекови права. Нивната позиција по должината на клучен миграциски пат ги прави и стратешки партнери.

Досега оваа година 39.292 мигранти со мали чамци стигнале до Велика Британија преку Ла Манш, што е зголемување од 17 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Овогодинешниот број е веќе втор највисок во историјата откако започна кризата пред седум години, по 45.700 кои дојдоа во 2022 година.

На 17 мај 2025, на прес-конференцијата на која премиерот Христија Мицкоски го претстави постигнувањето согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој беше усогласен на 16 мај во Тирана, британскиот амбасадор Лосон, одговарајќи на новинарски прашања во врска со објавите во британски и македонски медиуми дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, категорично ги отфрли таквите тврдења.

„Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се прави со неколку други европски земји. Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел“, изјави Лосон.

Македонија и Британија склучија стратешки договор за помош при изградба на брза железница на Коридорот 10 и за други намени, а за тоа Скопје треба да повлече кредитна линија од шест милијарди евра. (Н.В.)