Британците забранија една од водечките берзи за тргување со криптовалути

Британскиот финансиски регулатор (FCA) го забрани работењето на популарната платформа за тргување со крипто-валути „Бајнанс“ (Binance).
„’Бајнанс маркетс лимитид’ не смее да презема никакви регулирани активности во Велика Британија“, се вели во соопштението на FCA, пренесува Си-Ен-Ен.
Бајнанс, една од најголемите берзи за тргување со крипто валути во светот, им овозможува на инвеститорите да купуваат и да тргуваат со крипто-валути преку Интернет.
„Ниту еден субјект во групата ‘Бајнанс’ нема каков било вид одобрување, регистрација или лиценца за вршење регулирани активности во Велика Британија“, се додава во соопштението.
Тргувањето со криптовалути не е директно регулирано во Велика Британија, но за други слични активности, како што е продажба на финансиски деривати, потребно е одобрување.
Во соопштението се предупредува и на нестабилноста на пазарот на криптовалуи.
„Пазете се од реклами на Интернет и на социјалните мрежи кои ветуваат висок принос на инвестициите во крипто средства или производи поврзани со крипто средства“, соопштија од FCA.
Забраната во Велика Британија следува по веста дека јапонските регулатори испратиле предупредување до „Бајнанс“ во петокот во кое се наведува дека платформата можеи работи во таа земја без соодветно одобрување. „Бајнанс“, исто така, повеќе нема да обезбедува услуги на клиенти во Онтарио, Канада, од 31 декември, бидејќи тамошните регулатори исто така го зајакнаа својот надзор над пазарот на криптовалути.