Брисел нè награди, Берлин нè олади

Еврокомесарот Јоханес Хан и шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, вчера го исполнија тоа што ѝ го ветија на нашата држава – ни испорачаа препорака за преговори со Унијата. Останува сега земјите членки да ѝ стават печат, т.е. да ја потврдат, процес што ќе треба да се протне низ иглени уши бидејќи отчукува времето за сегашнава Европска комисија.

Хан вчера јасно порача дека нашата препорака е кристално чиста, дека нови услови нема и дека земјите членки треба да решат за преговорите што побргу, бидејќи тоа нема да биде само сигнал за нас туку и за целиот регион. Непосредно пред објавувањето на извештајот, од Берлин стигна изјава на пратеникот Гунтер Крихбаум од владејачката ЦДУ дека тоа тешко ќе се случи пред октомври, бидејќи препораката мора да помине во германскиот Бундестаг, кој, пак, ќе има седница од 6 до 9 јуни, а време за таа расправа нема бидејќи препораката треба да помине и низ некои комисии. Истата порака стигна и од  европратеникот од ЦДУ, Елмар Брок. Првиот следен самит на ЕУ ќе биде на 17 октомври, а тоа е опасно блиску до стапувањето на функција на новата Европска комисија и најверојатно кога владата во Грција ќе ја предводи Киријакос Мицотакис, кој се противеше на договорот од Преспа.

Како и да е, вчера евроамбасадорот Самуел Жбогар оптимистички порача „ќе видиме“, а Хан најави дека Комисијата ќе направи сè Македонија и Албанија да добијат преговори со ЕУ. Од новинарите беше спомената и опција за носење на одлуката на министерски состанок во јули, иако во агендата на ЕУ нема најава дека таков состанок ќе се одржи. Инаку, ова е втора препорака за нашата држава откако ЕУ најави дека до крајот на оваа година ќе се одржи првата меѓувладина конференција која всушност значи почеток на преговори.

Еврокомесарот Хан, презентирајќи го извештајот за прогрес, што сега не се вика ни извештај ниту „за прогрес“ (некои земји одат назад), рече дека „Северна Македонија е одличен пример за помирување во регионот“, дека испорачала реформи и дека го потпишала историскиот договор со Грција и претходно со Бугарија. Како други постигнувања, тој ги наброја: јакнењето на судскиот систем, формирањето на новата Антикорупциска комисија, реформите во разузнавачкиот сектор, добро одржаните избори и враќањето на принципот на контрола на работата на институциите. Во напредоците тој ја пофали и опозицијата за соработката околу законите.

Хан проблемот со давањето датум за преговори го објасни со техничките проблеми, односно дека извештаите се пролонгираа поради европските избори така што сега времето е кратко за да се помине целата процедура во земјите кои бараат одлуката да помине во националните парламенти. „Не можам да предвидам што ќе решат“, одговори Хан на прашањето дали ќе се стигне да се донесе одлука за Северна Македонија, со додавка дека тоа треба да се направи што е можно побргу и да бидат наградени „огромните политички напори“ на нашата земја. „Сигурен сум дека земјите членки се свесни за своите одговорности“, уверуваше на крајот еврокомесарот.

Околу дилемата дали ќе биде одвоена одлуката за Албанија ако ја закочи нашата препорака, бидејќи е во политичка криза, Могерини излезе со децидна изјава:

„Нашата порака е јасна – почнување преговори со Македонија и со Албанија. Тие се подготвени, тоа е нашата оценка“, додавајќи лаконски, „па која земја немала политичка криза“. На крајот таа порача дека оценката на ЕК за Албанија всушност „не е  политичка, туку техничка“.

Запрашана кои се сега пријатели на проширувањето и има ли такви што ќе ги туркаат Македонија и Албанија, Могерини го впери прстот во соседите, оценувајќи дека изминатите години видела забележително единство во регионот. „Ова може да биде историски пресвртен момент за регионот“, порача Могерини, очигледно водејќи ја својата последна битка за она што ќе биде нејзино политичко наследство од работата во ЕК. „Сега е ред на ЕУ да го оствари својот дел“, рече таа откако истото го порача и еврокомесарот.

Известувачот за Македонија во ЕП, Иво Вајгл, претходно го покажа расположението што владее во Брисел, порачувајќи дека сега не се работи за критериуми или принципи туку  за ветувања и преземени обврски од страна на ЕУ.

„Северна Македонија треба да биде наградена, инаку ЕУ ќе изгуби секаков кредибилитет, не само во оваа земја, туку и во регионот“, рече Вајгл.

Како куриозитет во еден од документите што ги објави вчера ЕУ се провлече старото име, т.е. референцата – поранешна југословенска Република Македонија.

Кои се главните оценки на Брисел?

Во извештајот од над сто страници стои дека Северна Македонија продолжува да прави фундаментални промени на инклузивен начин и во отворена политичка атмосфера и дека дава видливи резултати во клучните области како судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, во реформите на  безбедносните служби и на јавната администрација. Исто така, подобрена е културата на компромис во политиката, а Преспанскиот договор поминал со огромна поддршка од тие што гласале.

Главната порака за СЈО е дека ја потврдило неговата водечка улога во истрагите за високопрофилната корупција и дека властите треба да ги забрзаат напорите и да покажат дека борбата со корупцијата е приоритет, бидејќи преовладува во многу области и е причина за загриженост. Се забележува дека се изречени пресуди за случаи на СЈО, дека се преговара за неговиот статус и притоа се порачува дека „е суштинско  да се продолжи со воспоставувањето законска одговорност за криминалите“ што произлегоа од „бомбите“. Наедно, се бара да се осигура законската одговорност околу „бомбите“ да продолжи да се утврдува, независно од постојните преговори што се во тек околу обвинителскиот процес.

За јавната администрација стои дека се преземени чекори да се одговори на политичките именувања, но дека треба уште за да запре нејзината политизација. Се фали работата на новата Антикорупциска комисија, се забележува дека политичката елита покажува поголема толеранција кон критиките во медиумите, но дека треба да се подобрат професионалните стандарди во МРТВ. Иако се фали работата на ДИК како непристрасна и професионална, се бара поодржлив состав во неа и прочистување на избирачкиот список. За 27 април стои дека нема амнестија за тие што го организираа упадот во парламентот.

Во економските забелешки стои дека структурата на трошењата е влошена и дека е потребна поамбициозна фискална консолидација.

Слободанка Јовановска

Фото: Б. Грданоски