Брисел ќе расправа за нашите пасоши

ЕУ ќе утврдува заедничка позиција како да ги третира македонските граѓани што ќе останат без важечки патни исправи


 

Работна група во Европската унија идната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Преспанскиот договор според која од 13 февруари  сите пасоши мора да го содржат името Република Северна Македонија.

Ова го најави амбасадорот на Белгија за Македонија, Фредерик Мерис во интервју за „Независен“, оценувајќи дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со невалидни пасоши.

Дали ќе има флексибилност во примената на законската обврска за пасошите, сѐ уште не може  да се каже.  

„Не знаеме сѐ уште како Белгија ќе ја имплементира промената и како ќе ги третира вашите граѓани без валиден пасош, сѐ уште немаме одговор на тоа. Сепак, тоа е дел од одговорноста на претседателството на ЕУ. Ние ќе имаме состанок на почетокот на идната недела на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да  поминуваат низ Унгарија и одат во Србија, а Австрија да има друга позиција  – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Така што, во основа, да, ние мора имаме повеќе јасност  идната недела околу ова прашање. 

Штета е што оваа ситуација не била предвидена или избегната однапред, но тоа е ситуацијата со која се соочуваме сега. Ние сѐ уште ги согледуваме сите аспекти на ова прашање, вклучувајќи ја и легалната рамка“, изјави амбасадорот Фредерик Мерис.

Целото интервју со амбасадорот Фредерик Мерис ќе биде објавено в недела. (С.Ј.)