Брисел бара да им се земат дотациите на политичките партии што шират говор на омраза

Во извештајот за скринингот стои дека Македонија треба да ја унапреди правната рамка за да се справи со говорот на омраза според она што го препорачува ЕКРИ


 

Заплашувањата дека македонските институции под „бугарски диктат“ ќе замолчуваат поединци и медиуми, како резултат на барањето да се спречи говорот на омраза меѓу Бугарија и Македонија, добија одговор во скрининг извештајот што минатиот петок стигна од Европската комисија.

Во него стои оценката дека Македонија треба да ја унапреди својата правна рамка за да се справи со говорот на омраза и притоа се препорачува тоа да биде на линија на стандардите на Европа, поточно на она што го препорачува ЕКРИ во Директивата број 15 за справување со говорот на омраза е усвоена во 2015 година. 

Оваа директива, која не ѝ е многу позната на јавноста во нашата држава, го дефинира говорот на омраза оценувајќи дека „тој  се заснова на неоправдана претпоставка дека едно лице или група лица се супериорни во однос на други и притоа поттикнува акти на насилство или дискриминација, со што го поткопува почитувањето на малцинските групи и ја нарушува социјалната кохезија“.

Во оваа препорака, ЕКРИ дава јасни насоки како треба да реагираат институциите и државата на ваквата појава, а која во нашиот случај треба да се однесува на третманот и односот кон Бугарите во Македонија. Според ЕКРИ, ваква манифестација на говор на омраза треба да предизвика брзи реакции од јавните личности, подигање на свеста за опасните последици од говорот на омраза и саморегулација во медиумите и другите институции, без притоа да се наруши принципот на слобода на изразување. 

Она што е најспектакуларно во оваа директива е барањето „да се повлече финансиската и друга поддршка за политичките партии кои активно користат говор на омраза“, што кај нас би значело да се запрат државните пари што на име на кампањи ги добиваат сите парламентарни партии, од кои на некои разгорување на меѓуетнички непријателства им се изборни програми! ЕКРИ оди подалеку и бара да се гонат како криминал најекстремните манифестации, со забелешка да се почитува притоа слободата на изразување, што би значело да се раздвои што е слобода на говор, а што е говор на омраза.

„Мерките против говорот на омраза мора да бидат основани, пропорционални, недискриминаторски и да не се злоупотребуваат за ограничување на слободата на изразување или собирање, ниту за сузбивање на критиките на официјалните политики, од политичката опозиција и заради верските убедувања“, стои во директивата на ЕКРИ.

Според образложението на ЕКРИ, говорот на омраза преставува сериозна закана за кохезијата на општествата, за човековите права и за владеење на правото во државите и затоа акциите  треба да се насочат кон заштита на поединците и групите од него, наместо кон заштита на одредени верувања, идеологии или религии.

 

„Ограничувањето на говорот на омразата не треба да се злоупотребува за замолчување на малцинствата и за спречување на критицизмот кон официјалните политики и критиките од страна на политичката опозиција“, стои во директивата. Притоа се посочени неколку препораки како обврски: 

-Да се зголеми јавната свест за опасноста од говорот на омразата, што ќе бара борба против дезинформациите, негативните стереотопи и стигматизациите, креирање специјални едукативни програми за учениците, јавните функционери и генерално за јавноста, како и поддршка за невладините организации што се борат перотив говорот на омраза…

-Да се обезбеди поддршка за тие што се цел на говорот на омраза индивидуално и колективно, да им се олесни пријавувањето на инцидентите и да се казнат извршителите.

-Да се обезбеди поддршка за саморегулација на јавните и приватни институции (избрани тела, политички партии, образовни, спортски и други институции, медиуми) за да се борат против говорот на омраза, што меѓудругото подразбира и да усвојат соодветен код на однесување кој предвидува санкции за негово практикување.

-Да се појасни одговорноста, граѓанска и административна, за користењето на говорот на омраза, особено за лица што шират говор на омраза, интернет сајтови, социјални платформи на медиумите, модератори на блогови  и слични улоги. Притоа како санкција се препорачува бришење на таквите содржини, блокирање на веб-страниците што шират говор на омраза и да се објави идентитетот на тие што стојат зад нив. 

Ваквите препораки се дел од новите регулативи на Советот на Европа поврзани со негативните последици пред сѐ од употребата на интернетот и важат за сите земји членки на оваа организација, меѓу кои е и Бугарија, иако многу не се прослави во Стразбур по тоа прашање. Во секој случај, правилата важат и за нас и за владата во Софија, т.е. се рециприочни. (С.Ј.)