Бред Пит добил закани за винаријата „Шато Миравал“, еве од кого


Лос Анџелес – Бред Пит подолго време води правна битка против рускиот тајкун Јуриј Шефлер за уделот во винаријата „Шато Миравал“, којшто глумецот ја поседуваше со поранешната сопруга Анџелина Џоли.

Имено, во 2021 година, Џоли му го продаде својот удел во винаријата на Шефлер во вредност од 64 милиони долари. Пит сега се обидува да го врати тоа. Во новите судски документи, глумецот тврди дека откако „тајно“ го купил уделот, Шефлер објавил соопштение за медиумите каде го објавил и нивното „партнерство“, а потоа побарал да се сретнат за да разговараат. Пит истакнува дека „на крај му се заканувале“, доколку не се согласи на соработка.

„Шефлер лично презеде чекори за унапредување на неговото наводно партнерство со Пит по затворањето на трансакцијата, пишувајќи му на Пит постојано за да го натера на согласност“, се вели во правните документи до коишто дојде „Сан“.

Откако Русинот не наишол на знаци на одобрување од Пит, наводно следеле закани врз основа на тврдењата дека „Пит лошо управува со винаријата“. Тврдењата се изнесени во Врховниот суд во Лос Анџелес.

Пит ја тужеше Џоли во февруари 2022 година поради продажбата на нивната компанија „Нувел“ и неговиот удел од 50 отсто во деловната групација „Шато Миравал“ контролирана од Шефлер. Во септември истата година, „Нувел“ го тужеше Пит и бара отштета од 350 милиони долари.

Адвокатскиот тим на Пит тврди дека Шефлер, чија деловна империја го вклучува брендот на вотката „Столичнаја“, очајно сака да заработи од „славна личност од Холивуд“. Новите судски документи тврдат дека бизнисменот „сакал да навлезе во партнерство меѓу Пит и Џоли – две познати личности кои живеат во Калифорнија“, за да профитира од славата на Пит.

Пит и Џоли го купија имотот од 1.300 хектари во Прованса, во јужна Франција, во 2008. за 28,4 милиони долари. Тие и се венчаа таму во 2014 година. Лозјето им носеше доста приходи, но и признанија за квалитет.

Поранешната холивудска двојка, која има шест деца заедно, се раздели во 2016 година. Нивниот развод сѐ уште не е финализиран, но западните медиуми пишуваат дека и тој процес е при крај – со скорешното расчистување на финансиските сметки меѓу нив двајцата.